Професорот Ванчо Ѓорѓиев на трибината насловена „Гоце е Македонија“ коментираше дека денеска е прогласен ден со висок безбедносен ризик, а над главите на жителите на главниот град летале хеликоптери како да е ситуација на воена состојба. Тој посочи дека организација на која припаѓал Гоце Делчев е организација која размислувала за интеграција и спојување на народите.
„Оваа организација кон која припаѓал Гоце Делчев и многу современици, всушност, е организација која е далеку пред сите на Балканот, која размислувала за интеграција, спојување на народите, државите и за развој на економијата, за просперитет и отворени граници. Додека, пак, другите се залагаа за проширување на своите територии за грабнување туѓи народи“,
рече Ѓорѓиев.
Професорот истакна дека годинава се одбележуваат 120 години од Илинденското востание, 130 години од создавањето на Македонската револуционерна организација, 120 години од загинувањето на Гоце Делчев и 120 години од објавувањето на „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.
„Овде станува збор за година на многу чествувања, година која е исполнета со македонска борба, со македонски пројави за македонска држава… Гоце Делчев е симбол на една епоха, на една борба на македонскиот народ, борба за слободна македонска држава или, во најмала мера, како што тие планирале, да влезе како рамноправен и државотворен член на една поширока балканска конфедерација или федерација“,
рече тој.
Инаку, трибината е организирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамките на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на ВМРО.