Дескоска на социјалните мрежи сподели оти станува прва потпретседателка која доаѓа од земја што не е членка на Европската Унија
Професорката по уставно право од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Рената Дескоска, која во минатото беше и министерка за образование и наука, но и министерка за правда во владите на СДСМ, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Таа во објава на социјалните мрежи рече оти е среќна што станала првата потпретседателка на Комисијата која потекнува од Македонија, но и од земја што не е членка на Европската Унија или од која било од земјите произлезени од поранешната држава Југославија. Нејзиниот избор, вели, е признание за нејзината активност и досегашен придонес во работата на комисијата, бидејќи досега учествувала во изработка на 14 мислења за различни земји, а сите од нив биле едногласно усвоени на пленарните седници.
„Денеска сум избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, која ја одржува својата 145. сесија на 12 и 13 декември во Венеција. Во текот на вчерашниот ден за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Денеска се избрани тројца потпретседатели на Венецијанската комисија: јас, Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство“,
напиша таа.
Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа. Таа е составена од независни експерти за уставно право, а нејзината главна улога е да им дава правни совети на државите членки и нечленки. Комисијата е основана во 1990 година за да им помогне на земјите во транзиција од Централна и од Источна Европа да ги усогласат своите правни системи со демократските стандарди, човековите права и владеењето на правото.
