Професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство, во изјава за „360 степени“ објаснува зошто државата се ангажира да набави лек против маларија, кој би се користел за некои од пациентите заразени со КОВИД-19.

„Според искуствата кои ги споделуваат нашите колеги од повеќе земји, употребата на одредени антималарици даваат позитивни резултати кај некои пациенти кои се инфицирани со COVID19. Станува збор за се уште многу мал број на студии каде овие лекови се употребуваат во така наречена ‘off label’ употреба, што значи за се уште неодобрена индикација. На дневна основа се следат извештаите за клиничкото искуство и ефектите од лекувањето со оваа терапија, а исто како и во другите земји, колегите од Инфективната клиника во Скопје, подготвија протокол за лекување со оваа терапија, врз основа на кој ќе следи одобрување на примена на оваа терапија и кај нашите пациенти“,
вели проф. д-р Грозданова.
Таа додава дека Министерството за здравство е во контакт со производителите на овие лекови, а поради зголемената побарувачка се прават интензивни и заеднички напори да се обезбедат побрзо соодветни количини од лековите.
Министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција, објавувајќи дека државава се ангажира да го набави лекот против маларија, рече дека станува збор на терапија со кинини, со оглед на тоа што има публикации во кои се вели дека хидрохлорокининот (антималарик) во комбинација со азитромицин (антибиотик) дава добри резултати кај некои пациенти болни од КОВИД-19.
*поврзана вест Против коронавирусот Македонија ќе го користи и лекот за маларија, но прво треба да го увезе