Истите очекувања, според премиерот, се однесуваат и на нивото на базичната инфлација

Проекциите на Владата за инфлацијата во наредната, 2026 година, се таа да се движи во рамки од два до три проценти, вели нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски.
Истите очекувања, според премиерот, се однесуваат и на нивото на базичната инфлација.
„Што се однесува да базната инфлација радува фактот што на годишна основа таа е негативна. Очекувам сега во ноември и декември да биде уште пониска, а следната година да се движиме со вкупната инфлација меѓу два и три проценти, а отприлика на тоа ниво да биде и базната инфлација. Ова се очекувањата на тој план“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашање за одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) да изрече казни против Сојузот на стопански комори и четири големи трговски синџири, поради сомнеж за картелско здружување и договорено покачување на цените, Мицкоски кратко одговори дека треба да се остави Комисијата да си ја заврши работата.
„Да оставиме Антимонополската комисија да си ја заврши својата работа. Мислам дека наскоро ќе има и разврска“,
изјави Мицкоски.
Инаку, на почетокот на овој месец премиерот рече дека проекциите на Владата за инфлацијата оваа година се меѓу 3,5 и четири проценти.
Од Народната банка претходно соопштија дека за 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а просечната стапка на инфлација да изнесува 3,9 проценти
Во однос на предвидувањата на Народната банка, која проектира инфлација од 3,9 проценти за 2025 година, премиерот истакна дека очекува поголем скок на инфлацијата овој октомври во споредба со истиот месец минатата година и објасни оти овој пораст е поради ниската основа од минатата година. Ниската основа, како што рече. е поради мерките што во лани во октомври биле преземени.
