Продуцентот на филмовите „Вљубениот Шекспир“ и „Приказните за Петар“ и коосновачот на „Мирамакс“ на судењето во Лос Анџелес вчера се појавил облечен во сив костум и блед во лицето. Тој не ја користел инвалидската количка во која доаѓал на претходните рочишта
Поротата во Лос Анџелес го прогласи Харви Вајнстин, поранешен холивудски филмски магнат, за виновен за силување на неидентификувана жена.
Во двомесечното судење беше посочено дека Вајнстин го користел своето влијание за да ги намами жените на приватни состаноци пред да ги нападне.
Седумдесетгодишниот оскаровец сè уште не е осуден, а се соочува со 24 години затвор.
Пред две години тој беше осуден на 23 години затвор за силување и сексуален напад во Њујорк.
Вајнстин во понеделникот беше прогласен за виновен за силување и сексуален напад на жена која беше нарекувана Џејн До 1 за време на судењето за да се заштити нејзиниот идентитет.
Поротата не можеше да се договори за пресудата за обвиненијата против Џенифер Сибел Њусом, сопруга на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и жената позната како Џејн До 2, па беше наредено ново судење за точките поврзани со двата случаи.
Тој беше ослободен од обвиненијата за сексуално злоставување на жена позната како Џејн До 3.
Продуцентот на филмовите „Вљубениот Шекспир“ и „Приказните за Петар“ и ко-основачот на „Мирамакс“ на судењето во Лос Анџелес вчера се појавил облечен во сив костум и блед во лицето. Тој не ја користел инвалидската количка во која доаѓал на претходните рочишта.
Во текот на четиринеделното судење сведочеле десетици луѓе.
Но, пресудата од понеделникот се фокусирала на наводите против четирите жени и на прекршоците извршени меѓу 2005 и 2013 година.
Поротата составена од осум мажи и четири жени девет дена расправала за три точки за силување и четири точки за сексуален напад.
Вајнстин е осуден за силување на Џејн До 1, модел со руско потекло.
Првиот сведок на судењето изјави дека била во Лос Анџелес на италијански филмски фестивал во февруари 2013 година, кога еден продуцент непоканет дошол во нејзината хотелска соба во Беверли Хилс и ја силувал.
„Харви Вајнстин уништи дел од мене засекогаш таа ноќ во 2013 година и никогаш нема да го вратам тоа. Судењето беше брутално и адвокатите на Вајнстин ме ставија низ пеколот на говорницата за сведоци, но знаев дека морам да издржам до крај и тоа го направив“,
рече таа по пресудата.
Таа додаде дека се надева дека Вајнстин до крајот на својот живот нема да види ништо друго освен затворска ќелија.
Сибел Њусом емотивно сведочеше дека Вајнстин ја силувал во хотелска соба во 2005 година, додека работела на документарен филм.
„За време на судењето, адвокатите на Вајнстин користеа сексизам, мизогинија и тактики на малтретирање за да не заплашат, понижат и исмеваат нас преживеаните од траума“,
рече Њусом.
Судењето беше моќен потсетник дека ние како општество имаме уште работа, рече првата дама на Калифорнија по пресудата.
Една од четирите жени кои го обвинија продуцентот, која не го криеше идентитетот, е Лорен Јанг.
Таа изјави дека била модел, аспиративна актерка и сценарист кога се сретнала со Вајнстин за да разговараат за сценариото во 2013 година.
Јанг рече дека Вајнстин ја заробил во бањата во хотелот и сексуално ја нападнал.
Поротата не можеше да донесе пресуда за обвиненијата.
Масерката Џејн До 3 сведочеше дека Вајнстин ја грабнал и сексуално ја нападнал во бањата во хотел во 2010 година.
Поротата го прогласи за невин по оваа точка.
Пресудата на Вајнстин во Њујорк во 2020 година беше пресвртница за движењето #MeToo, кое ги охрабри жените да проговорат за широко распространетата сексуална злоупотреба и вознемирување во филмската индустрија.
Вајнстин ја обжали пресудата во Њујорк и го чека исходот од постапката.
Повеќе од 80 жени го обвинија Вајнстин за сексуален напад и недолично однесување со децении.