Во судницата, со полициски комбиња веќе се спроведени обвинетите на кои им е одредена мерка притвор, пристигнаа и дел од родителите и роднините на загинатите

Во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На денешното рочиште воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, Александар Нацев, како и правните застапници на трите обвинети фирми за трагедијата.
Со тоа треба да заврши фазата воведни зборови.
Во зависност од динамиката во која ќе се одвива излагањето на адвокатите, рочиштето би требало да продолжи со искази на сведоци на Обвинителството.
Ова на минатото рочиште го најави судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со петчлениот судечки совет, и која побара од Обвинителството да обезбеди сведоци за денешното рочиште.
Во судницата, со полициски комбиња веќе се спроведени обвинетите на кои им е одредена мерка притвор, пристигнаа и дел од родителите и роднините на загинатите.
Инаку, тие на последниот, 34. по ред Марш за ангелите, одржан во саботата, побараа проширување на истрагата, утврдување индивидуална одговорност и јавно образложение од надлежните зошто и одредени лица досега не се опфатени со постапката.
Тие се осврнаа и на оставката на сега веќе поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, а упатија и порака до тој што ќе го наследи на функцијата, со која бараат да се преиспита целокупниот предмет од почеток и, како што рекоа, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчил и кој не постапил.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на т.н. кабаре, негови блиски, поранешни инспектори во повеќе институции, како и поранешни министри.
На почетокот на судењето на 19 ноември сите тие се изјаснија дека не чувствуваат вина за трагедијата, а нивните бранители во воведните говори ги дадоа општите рамки во кои ќе се движи нивната одбрана, отфрлајќи секаква одговорност на своите клиенти за пожарот.
На последното рочиште, давајќи воведни зборови безмалку сите бранители на ексслужбеници во Министерството за економија упатија критики до кочанското Обвинителството, прашувајќи зошто цели 13 години не отворило постапка по допрен глас ако се знаело дека т.н. кабаре работи незаконски, без да ги исполнува минималните услови.
Адвокатите на обвинетите без исклучок ја отфрлија тезата на Обвинителството дека постои каузалитет односно причинско-последична врска меѓу (не)постапувањето на нивните клиенти и причините за настанувањето на пожарот. Тие излегоа со наводи дека обвинетите или не биле надлежни или не добиле пријави и наредби за да извршат контроли во „Пулс“.
