На местото, како што информираа од Центарот за управување со кризи, се ангажирани тимови на Министерството за внатрешни работи (МВР), Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ) и припадници на велешката полиција
Со зголемен број екипи од повеќе институции рано утрово продолжила потрагата по 16-годишното девојче што вчера попладне исчезна во водите на реката Вардар, во близина на селото Уланци, Општина Градско.

На местото, како што информираа од Центарот за управување со кризи, се ангажирани тимови на Министерството за внатрешни работи (МВР), Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ) и припадници на велешката полиција.
„Од рано изутрина, на местото на настанот се ангажирани припадници на МВР, специјалната единица на Армијата ‘Волк’, како и припадници од Полициската станица Велес, со цел продолжување на потрагата. Акцијата се одвива во координација и со зголемено присуство на терен“,
велат од ЦУК.
Случајот беше пријавен вчера попладне во 16:42 часот, кога преку единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК стигнал повик дека во реката Вардар кај Уланци под површината на водата се изгубиле две женски лица на возраст од 16 и 26 години.
Повозрасната жена, како што информираа, била пронајдена жива, но не и десет години помладото девојче.
Случајот го пријавила сестрата на 16-годишното девојче, која била присутна на местото и која побарала итна помош.
Набргу потоа се јавил и велешки доктор кој ја потврдил информацијата и побарал ангажирање тимови за потрага и спасување на вода.
Веднаш по пријавата, Центарот за управување со кризи ги известил надлежните институции – МВР, Оперативниот центар на Генералштабот и Дирекцијата за заштита и спасување со барање за итно ангажирање тимови за потрага и спасување на вода.
Потрагата по исчезнатата малолетничка синоќа беше привремено прекината поради лошите услови за претрага во текот на ноќта.