КФОР вчера најави дека отстранувањето на барикадите на северот на Косово треба да се направи брзо и безбедно и дека сите страни треба да избегнуваат каква било реторика или дејствија што може да предизвикаат нова ескалација
На северот на Косово се отстрануваат барикадите што ги подигнаа Србите поради апсењето на нивните сонародници и доаѓањето на специјалните единици на косовската полиција. По гаранциите што ги добија Србите и намалувањето на тензиите, состојбата на зголемена борбена готовност на војската на Србија беше укината.

На таа одлука и претходеше разговор со претседателот Александар Вучиќ откако САД и ЕУ дадоа гаранции дека ќе се почитуваат барањата на Србите и откако поранешниот полицаец Дејан Пантиќ пристигна дома во Косовска Митровица.
Укината е и состојбата на зголемена борбена готовност во Армијата на Србија.
КФОР вчера најави дека отстранувањето на барикадите на северот на Косово треба да се направи брзо и безбедно и дека сите страни треба да „избегнат каква било реторика или дејствија што може да предизвикаат нова ескалација“.
Тие велат дека го следат развојот на настаните и остануваат подготвени да интервенираат, доколку е потребно, во согласност со нивниот мандат врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година.
И специјалниот претставник и шеф на Привремената административна мисија на Обединетите нации во Косово (УНМИК) Каролин Зијаде ги поздрави сите мерки за смирување на тензиите на северот на Косово, вклучително и отстранувањето на барикадите.
Таа ги призна макотрпните напори на сите страни, вклучително и меѓународните партнери, да се осигура безбедноста на населението на Косово во сите заедници.
Од друга страна, претставникот на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак, рече дека нивото на недоверба меѓу двете страни е повисоко од кога било досега, дека тензиите се уште се високи, но дека е важно лидерите во Белград и Приштина да почнат да создаваат атмосфера погодна за продуктивни разговори за нормализација на односите.
Милован Дрецун, претседател на собраниската Комисија за Косово, посочува дека е постигнат договор меѓу Белград од една страна и САД и европските земји од друга, со кој западните партнери морале да завршат дел од работата со Приштина.
Договорот, вели тој, е значаен од повеќе причини, покажа дека барањата на српскиот народ на северот на Косово се оправдани, поради што се поставени барикадите – незаконски апсења, присуство на специјални единици.
Тој додава дека овој договор покажал дека Албин Курти и институциите поврзани со него со своите еднострани потези ја предизвикале кризата на северот на Косово.
Тој нагласува дека постигнатиот договор е добар, бидејќи ја спречува Приштина да ја искористи сегашната криза против српскиот народ и да воспостави целосна окупација на територијата населена со Срби.