Цената за дојдовни повици во роаминг во регионот од денеска дополнително се намалува од 2,9 денари на 1,5 денар, а согласно Договорот помеѓу земјите од Западен Балкан што стапи во сила пред една година, во јули следната година цените во роаминг за разговори и користење податоци целосно ќе се укинат.
„На денешен ден, пред една година, почнавме да плаќаме помали телефонски сметки за роаминг од влегувањето во сила на регионалниот договор со кој се намалија цените на услугите за роаминг низ целиот регион (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), во некои случаи за дури 99 проценти. Сообраќајот на роаминг на податоци се зголеми за повеќе од 60 проценти, при што појдовните повици за повеќе од 140 проценти. Затоа сега можеме да разговараме повеќе, да испраќаме повеќе СМС-пораки и да сурфаме повеќе, а во јули 2021 година, шесте економии на Западен Балкан очекуваат да бидат укинати трошоците за роаминг-услугите. Тоа е успешна регионална приказна само по себе“, .
рече генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу
Според резултатите од истражувањето „Балкански барометар 2020 година“, 35 проценти од граѓаните на Западен Балкан заштедиле пари по стапувањето во сила на договорот за намалување на цените на роамингот. Истражувањето покажува дека користењето на интернет е во пораст, при што 69 проценти од граѓаните од Западен Балкан го користат како средство за комуникација. Седумдесет и осум проценти од бизнисмените во Западен Балкан ги сметаат дигиталните вештини како многу важни за бизнисот, а 55 проценти од нив обезбедуваат некаков вид обука за подобрување на дигиталните вештини на нивните работници.
На денешниот онлајн-состанок „Западен Балкан погоден за дигиталното време“ на министрите задолжени за дигитализација во регионот, Советот за регионална соработка и претставници од Европската комисија е заклучено дека ќе се изработи мапа за следни чекори и рокови за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската Унија.
