Демонстрантите го сметаат Кристофер Колумбо за симбол на геноцид врз Индијанците
Статуи на Кристофер Колумбо и поранешниот претседател на Конфедеративните Американски Држави, Џеферсон Дејвис, беа урнати за време на протестите против расизмот и полициската бруталност, кои продолжија во сојузните држави Минесота, Вирџинија и Масачусетс, во знак на револт од смртта на Џорџ Флојд.
По повиците да се уриваат статуи поставени во сеќавање на колонизатори и робовладетели, синоќа во Бостон беше „обезглавена“ статуата на Колумбо, кого демонстрантите го сметаат за симбол на геноцид врз Индијанците.

Статуа на Колумбо, исто така, беше вандализирана и во центарот на Мајами, додека во неделата неговиот споменик беше фрлен во езеро во Ричмонд, Вирџинија.

Во Сент Пол во Минесота, статуата на Колумбо била урната со помош на јажиња.
Државните патролни војници, кои го обезбедуваа комплексот Капитол во Минесота, не се обидоа да ги запрат демонстрантите, кои подоцна го прославија уривањето на статуата пеејќи индијански песни.
Сличен инцидент се случи во Ричмонд, каде што демонстрантите ја урнаа статуата на претседателот на Конфедерацијата, Џеферсон Дејвис.

Минатата недела гувернерот на Вирџинија нареди отстранување на статуа на еден од хероите на Конфедерацијата, генерал Роберт Ли.