Во видеоматеријалите најпрвин, како што тврди Обвинителството, се гледа како Боре Видевски влегува во дворот на Манев, а подоцна во дворот дошле и обвинетите Влатко Кешишев и Љупчо Палевски
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска, со изведување материјални докази, продолжи судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорѓчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Во судницата беа прикажани видеа на кои, како што тврди Обвинителството, се гледаат обвинетите за убиството, вреќа за спиење, кофи, лопати… Првообвинетиот Љупчо Палевски, за денеска презентираните материјали, рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.
На предлог на Обвинителството на денешното рочиште беа изведени шест цедиња со снимки од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, во периодот од 20.11 до 3.12 2023 година со 24-часовен надзор.
Во видеоматеријалите најпрвин, како што тврди Обвинителството, се гледа како Боре Видевски влегува во дворот на Манев, а подоцна во дворот дошле и обвинетите Влатко Кешишев и Љупчо Палевски.
„На видеото се забележува како Палевски и Видевски, но и Манев разговараат на микрофоните од радиостаница, односно вршат тестирање дали тие функционираат. Забележливо е и дека Палевски на јакната има закачено микрофон, а истото го имаат и Манев и Видевски“,
посочи обвинителката при изведувањето на доказите.
Според забелешката на Обвинителството, на едно од видеата Палевски носел јакна која на ракавите има бели ленти, а исто така и обвинетиот Манев бил облечен во тренирка што на ракавите имала три бели ленти.
„Значајно е бидејќи на минатото рочиште имаше видеа од камерите на ‘Романтик’ кај Велес, и на нив беше забележано дека две лица во возилата – едно во ‘ситроен’ и едно во ‘рено кангу’, на своите ракави имаа бели ленти“,
беше појаснето од страна на обвинителката.
Како што тврди Обвинителството, на едно од видеата се гледа како Велибор Манев излегол од дворот и се упатил пеш во правец кон Велес каде што се наоѓала куќата на Панче Жежовски. По Велибор, и возилото „рено кангу“ се упатило кон истиот правец кон Велес.
Според видеата што беа презентирани, Обвинителството појаснува дека имало еден неуспешен обид за грабнување и убиство на Вања, на 24 ноември, кога на снимката имало и подавање, најверојатно на црни ракавици, а биле извадени и две лопати и други предмети, како и две кофи и вреќа за спиење.
Бранителот на Палевски, адвокатот Јовица Страшевски, даде приговор за доказите и рече дека му е жал што не можел да реагира директно на снимките. Според него, се гледало препаркирање и движење на возила, без конкретни дејствија.
Палевски за денешните презентирани материјали рече дека се манипулирани и неверодостојни. Тој обвини за наметнување лажни докази.
Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска.
За двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото „рено кангу“.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.