Информацијата ја потврди судијата на претходна постапка и портпарол на Основниот суд Штип, Сашко Георгиев, кој информира дека по продолжување на притворот за 30 дена, ќе следува и судење по скратена постапка, чие прво рочиште е закажано на 18 септември
За 30 дена е продолжен притворот на 43-годишниот родител од Скопје кој физички нападна двајца малолетни фудбалери на натпреварот меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи што се одржа на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип.

Информацијата за МИА ја потврдил судијата на претходна постапка и портпарол на Основниот суд Штип, Сашко Георгиев, кој информира дека по продолжување на притворот за нови 30 дена, ќе следува и судење по скратена постапка. Судското рочиште за случајот е закажано во штипскиот суд на 18 септември.
Инцидентот се случил во 89. минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, кој е играч на Шкупи.
Незадоволен од одлуката тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Потоа на терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација.