На денешното рочиште од судскиот процес за предметот „Онкологија 2“, пред Основниот кривичен суд Скопје како сведоци на Обвинителството искази дадоа поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката за радиотерапија и онкологија кои на овие позиции биле додека обвинетите Васев Нухи биле директори на установата. Тие одговараа на прашања поврзани со финансиското работење на Клиниката, а еден од нив не можеше да се сети на детали бидејќи, како што кажа, имало многу седници со повеќе точки на дневен ред
Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев останува во притвор, откако Судот му ја продолжил мерката за нови 30 дена, соопшти неговиот адвокат Боби Спирковски по денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ во кој на Васев и на поранешниот организациски директор на Клиниката, Нехат Нухи им се суди за економското работење на Клиниката додека биле на функција.

За потсетување, случајот „Онкологија“, кој предизвика бурни реакции во јавноста, Обвинителството го подели во две обвиненија, од кои според едното („Онкологија 1“) на Васев и на уште двајца лекари онколози име се суди за несовесно лекување пациенти“ додека во другиот, за кој денеска се одржа рочиште, двајцата ексдиректори се гонат за продолжени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата.
Во однос на продолжениот притвор на Васев, неговиот адвокат Боби Спирковски најави жалба до повисокиот Апелациски суд, бидејќи, како што рече во изјава за медиумите, второстепениот суд е тој што треба да се изјасни по ова прашање, бидејќи во прв ред, тој и ја одредил мерката.
Адвокатот потсети дека Основниот кривичен суд Скопје првично го одбил предлогот на Обвинителството за определување на притвор и изрекол куќен притвор, сметајќи дека тоа доволно да се обезбеди неговото присуство, но скопска Апелација ја преиначила одлуката во ефективен притвор, одлучувајќи по жалба на Обвинителството.
Како што кажа Спирковски, во жалбата Обвинителството во две реченици навело оти бара притвор затоа што се сомнева дека од куќен притвор Васев може да избега надвор од државата само со лична карта.
„Ве молам, второто е дека може и без лична карта да избега преку некаков див граничен премин и третото е дека, и ако тоа не го направи, дека може да се скрие некаде на територијата на Македонија. Па тоа не се правни аргументи, тоа се аргументи за лаици кои што не познаваат право. Тие аргументи Апелација тогаш ги усвои и одреди притвор. Тие аргументи не се аргументи, се надевам дека пак се враќаме на тоа дека решаваа под огромен притисок и без да водат сметка за правните аргументи. Се надевам дека сега е време тоа да се поправи“,
изјави Спирковски.
Како одбрана, тој посочи, дека предложиле нови докази во однос на околностите за нивниот клинет, за кои рече дека воопшто не биле ценети од Судот и кои, како што додаде, покажуваат дека сето она што било наведено во иницијалното барање на Обвинителството за определување на мерката притвор, воопшто не било наведено во жалбата.
Според адвокатот, не стои делот дека се направени тешки дела за кои се предвидени високи казни. Спирковски се осврна и на самите кривични дела кои му се ставаат на товар на неговиот клинет, наведувајќи дека од едно продолжено кривично дело, или дејствија на продолжено кривично дело, Обвинителството вештачки прави три кривични дела.
„Наместо да биде само злоупотреба на службената положба, како продолжено дело, тие сега вештачки додаваат уште измама и проневера во службата, а се со цел да се добие што е можна повисока казна на затвор, а тоа во правото нема никаква подлога“,
наведе Спирковски.
Втората околност, како што рече Спирковски, се однесува на делот со направената финансиска штета. Во јавноста, како што кажа се наведува штета од 35 милиони евра, додека одбраната доставила докази кои покажуваат дека нема никаква штета.
Како трета околност, заради кои сметаат дека постапката против Васев се води тенденциозно, адвокатот го наведе тоа што уште на почетокот на постапката било кажано дека постојат силни докази кои сигурно упатуваат на осудителна пресуда.
„Не е коректно презумцијата на невиност да се гази на тој начин, да кажете однапред дека сте сигурни дека ќе биде осудителна пресуда. Второ, нивните докази се сè, само не непобитни“,
изјави адвокатот.
Според него, очигледно е дека судиите работата под огромен притисок, што дава негативни резултати, бидејќи наместо да одлучуваат согласно фактите и доказите, тие одлучуваат врз основа на притисоци.
Инаку, на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд Скопје како сведоци на Обвинителството искази дадоа поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката за радиотерапија и онкологија кои на овие позиции биле додека обвинетите Васев Нухи биле директори на установата.

Едниот сведок, кој била член на Управниот одбор од 2018 до 2024 година, рече дека обвинетиот Васев на седниците на Управниот одбор во 2019 година, презентирал дека имаат дозволно средства и дека Клиниката успешно ќе ја заврши годината.
Од друга страна кога дошла директорката Виолета Клисаровска, на Управниот одбор му било кажано дека Клиниката има финансиски проблеми.
Сведокот појасни дека Управниот одбор одлуките ги носел со гласање на седниците, а за усвојувањето на годишните завршни сметки, кажа оти не се сеќава како гласала, но, рече, оти тие биле донесени.
Вториот сведок, инаку специјалист пулмолог, кој бил надворешен член на Управниот одбор на Клиниката за онкологија од крајот на 2018, до крајот на 2024 година, рече дека на седниците можно е да била презентирана бројката на пациенти, но, не и која терапија ја прима секој од нив поединечно.
Во таа насока, тој рече дека не може да се сети на детали, бидејќи секоја година имале по 20 до 30 седници и на секоја од нив имало по четири – пет точки на дневен ред.
Сведокот рече дека не може да се сети дека на седниците било презентирано дека Клиниката има некакви финанскиски проблеми, но кажа дека може да се сети дека им било презентирано дека имало недоволно средства за набавка особено на биолошкомолекуларна терапија, во случаи кога имало потреба од дополнителна набавка на таква терапија.
Адвокатот на Васев, коментирајќи ги исказите на сведоците, кажа дека тие во овој предме се безпотребни и дека за злоупотреба на службена положба и за економски криминал компететнтни изказите на вешти лица.
Обвинетите ексдиректори Васев и Нухи на почетокот на судскиот процес негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходните директори на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Кривичниот суд во јуни, годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година.