На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, 25-годишникот Фатон Нури призна вина за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода ќе се брани и ќе предлага докази. Вели дека по сообраќајката ѝ укажал помош на жртвата
„Се чувствувам виновно за сообраќајката, да можам да сменам нешто, би направил“ – изјави 25-годишниот Фатон Нури кој на 1 јули годинава со мотоцикл на пешачка патека на кејот на реката Вардар во близина на Паркот на франкофонијата во Скопје го прегази 68-годишниот Југослав Николовски.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, Нури призна вина за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода ќе се брани и ќе предлага докази. Вели дека по сообраќајката ѝ укажал помош на жртвата.
„Се чувствувам виновен за сообраќајката, не би сакал никому да му се случи тоа. Големо сочувство за фамилијата. Да можам да сменам нешто, би направил. За давање помош, сум давал помош. Има камери таму… Кажувам дека сум давал помош на покојникот и не се чувствувам виновен за тоа“,
изјави обвинетиот Фатон Нури во скопскиот кривичен суд.
Судот ја раздвои постапката по предметот и за првото дело, за кое обвинетиот призна вина, судењето го одложи за 24 октомври, додека за второто дело, за кое обвинетиот ќе се брани, судењето ќе продолжи на 11 ноември. Судот дозволи да се завршат вештачењата и другите докази во однос на второто дело.
На почетокот на рочиштето од Обвинителството наведоа дека ќе докажат дека обвинетиот на 1 јули незаконски управувајќи мотоцикл без возачка дозвола на пешачка патека предизвикал сообраќајка во која Југослав Николовски се стекнал со тешки повреди поради кои подоцна починал. Од Обвинителството дополнително наведуваат дека иако жртвата била облеана во крв обвинетиот по несреќата го напуштил местото на несреќата.