Критичното дело злосторничко здружување отпаднало. За него Камчев беше осуден на едногодишна затворска казна откако призна вина во „Империја“, уплати околу пет милиони евра во буџетот и ја отслужува казната во струшкиот затвор

Причината поради која истрагата за стечајот на „Медиа принт Македонија“ (МПМ) од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се вратила во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје е тоа што од истрагата за осомничените отпаднало кривичното дело злосторничко здружување бидејќи со тие дејствија бил опфатен осомничениот Јордан Камчев во предметот „Империја“.
Ова го наведува шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, во одговор до „Призма“, откако пред две недели обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ го вратила предметот за МПМ во ОЈО Скопје. Покрај Камчев, за стечајот на МПМ се гонат и Срѓан Керим и Јана Станисављева.
За делото злосторничко здружување, Камчев беше осуден на едногодишна затворска казна откако призна вина во „Империја“, уплати околу пет милиони евра во буџетот и ја отслужува казната во струшкиот затвор.
„Тоа значи дека сега во истрагата за стечајот на МПМ останува едно кривично за кое се гонат Јордан Камчев и другите двајца осомничени, бизнисменот и поранешен претседател на генералното собрание на ООН и Јана Станисављева – оштетување или повластување на доверители“,
пишува „Призма“.
Медиумскиот конгломерат МПМ ги издаваше весниците „Дневник“, „Утрински“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“, беше во сопственост на „Графички центар“, но фирмата отиде во стечај, а стотици новинари и медиумски работници завршија како технолошки вишок.
За случајот првично надлежно беше ОЈО Скопје. По формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тоа го презема во свои раце. Откако згасна, предметот заедно со „Империја“ се префрли во надлежност на ОЈО ГОКК, од каде пред две недели се врати во ОЈО Скопје.