Граѓаните знаат колку кафе или вода испиле премиерот или министрите, рече неодамна во интервју за српската телевизија Н1, премиерот Зоран Заев укажувајќи дека тоа било знак оти Владата и министерствата се отворени и отчетни пред граѓаните. Но, истражувањето на „БИРН Македонија“ покажува дека состојбата не е баш таква каква што ја опишуваат претставниците на Владата.
Истражувајќи што се крие зад фактурите за договорни услуги од Владата, „БИРН Македонија“ преку Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби сите фактури што биле исплатени преку авторската агенција „Артпицк“ за декември 2020 година. Наодите покажале дека Владата со над 250 вработени во Генералниот секретаријат, дополнително лани во декември ангажирала 58 луѓе, ама за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, овие хонорарци се скриени, па, и покрај сите декларирани заложби за транспарентност, Владата инсистира тие да останат – анонимни.
Станува збор за хонорари, кои вкупно за еден месец изнесуваат над 37 илјади евра. Во нив спаѓаат ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи… Делата за кои се ангажирани лицата, од БИРН ги добиле откако Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, оцени дека тоа е јавен податок и Владата нема основа да го сокрие.
„Стручен труд: Изработка на физибилити студија за ЈПП за фотонапонска електрана во РЕК Осломеј и обезбедување техничка помош за спроведување постапка за избор на приватен инвеститор“.
Ова е еден од долгите називи на авторски договор за кој Владата во декември на двапати исплатила 90 илјади денари. Авторите што ги добиле парите не се познати, бидејќи и Владата и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации проценија дека станува збор за „личен податок“.
„Аргументот дека станува збор за јавни пари, односно исплати од Буџетот кој се полни од граѓаните, не беше доволен ниту за Владата, ниту за Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер. Само за споредба, бидејќи станува збор за јавни пари, секој граѓанин кој добил поврат на ДДВ, па дури тој да е и 20 денари со име и презиме е објавен на интернет-страницата ‘Отворени финансии’“,
пишува Призма.
Заштитувајќи ја „приватноста“, Владата под контото 425990 што се води како „други договорни услуги“ во декември 2020 исплатила 58 фактури. Се чини дека оваа ставка е широко сметководствено покритие за под тој назив да се исплаќаат хонорари за разни услуги.
Потврда за тоа е што само за две години, односно од 2019 до 2020 година, преку ова конто се исплатени над еден милион евра.
Проверката на БИРН покажа и дека износите на овие месечни фактури се повторуваат. Па така, не само во декември 2020 туку и во годините претходно и во месеците потоа, исти или слични износи биле исплаќани за оваа ставка. Целото истражување прочитајте го на „Призма“.