Непожелните руски дипломати од Македонија и Хрватска по инвазијата на Украина се акредитирани во руската мисија во Босна и Херцеговина
Април, 2022 година. Рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, е поканет во Министерството за надворешни работи. Врачена му е дипломатска нота со која шест дипломати се прогласени за непожелни.
Македонското министерство никогаш не ги соопшти нивните имиња. Но, домашниот огранок на рускиот моторџиски клуб „Ноќни волци“, чии членови ги испратија протераните дипломати до граница, ги откри нивните ликови. Меѓу нив беше и Илија Серов, аташе за медиуми во амбасадата на Русија во Македонија, пишува „Призма“ во најновото истражување.
На 8 април, Серов за македонските медиуми изјави дека претходното протерување на петте руски дипломати од Македонија нема да помине без „соодветен одговор“. Седум дена подоцна, самиот тој се најде во групата од нови шест руски дипломати кои ги протераа македонските власти по почетокот на инвазијата врз Украина.
Во соопштението на македонското МНР од 15 април беше прецизирано дека руските дипломати биле протерани поради информации дека вршеле активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Руските дипломати добија рок од пет дена да ја напуштат земјата.
Целото истражување на „Призма“ може да го прочитате тука.
