Во анализата на БИРН објавена на „Призма“ се посочува дека за една и пол година во Скопје има и четири затворски и околу 1 700 парични казни за овие кривични дела
Податоците од проверката во АКМИС покажаа дека од почетокот на пандемијата до август годинава, во најголемиот кривичен суд во земјава, стигнале вкупно 1 780 предмети според членовите од Кривичниот законик, кои се однесуваат на прекршување на здравствените прописи. Биле обвинети речиси 2 000 лица, или поточно 1 940, објавува БИРН во истражувањето, „Речиси 2.000 осудени во Скопје за прекршување на антиковид-мерките“.
Досега правосилни се 1 125 постапки, а вина признале една третина, односно 538 обвинети.
Најголем број од казните – 1 746 се парични, со цел обвинетите да извлечат поука. Од судот за БИРН велат дека е рано да се анализира дали паричната казна била заменета со затворска, кога УЈП не би успеала присилно да им наплати од сметките.

Останатите бројки, пак, покажуваат дека 115 лица мора да извршуваат општокорисна работа. Тоа посебно се однесува во случаи каде што прекршители се луѓе со понизок социјален стандард и ниски приходи. Биле изречени и 77 условни казни, а четворица ги добиле најтешките – затворски казни.
Во многу мал број случаи, односно вкупно во 81, имало опомени, ослободителни, одбивателни пресуди, постапките биле запрени, или обвинителите се откажале од гонење.
БИРН во анализата посочува дека пресуди има и за фирми, и се посочува едно скопско кафуле, каде и фирмата и нејзиниот управител се казнети затоа што инспекторите при проверка утврдиле дека послужувале гости на стоење, но растојанието меѓу масите било помало од 1,5 метри.
Во текот на четвртиот бран од пандемијата, има 713 активни предмети.
„Со оглед на тоа што бројките во последниот бран драматично „скокнаа“ во август, по што се воведе и задолжителен сертификат за вакцинација, бројот на вакви судски предмети извесно е дека и натаму ќе расте“,
се вели во анализира во текстот на „Призма“, при што како потврда за тоа деновиве се и многуте случаи на свадби и забави во барови, на кои, не се почитувале мерките и присуствувале повеќе лица од дозволеното.
Скопскиот кривичен суд, на барање на БИРН, направи проверка за што најмногу се гонеле граѓаните во изминатата 2020 и во првите осум месеци од 2021 година.
Според анализата што ја прави „Призма“, порано најмногу пресуди имало за непочитување на полицискиот час, но сега доминираат пресуди за непочитување на мерките во угостителските објекти, за лажни сертификати за ПЦР-тестови и за своеволното излегување од изолација.
Ако се има предвид дека до пред почетокот на пандемијата, ретко кога биле изрекувани олкав број осудителни пресуди за кривични дела што го загрозуваат јавното здравје, тогаш може да се заклучи дека короната доведува до промени и тука, па сега судиите од обвинителите најмногу добиваат т.н. казнени налози, во кои, по брза постапка, без да бидат сослушани обвинетите, се изрекувани пресуди.
„Лани во одделот за кривично полнолетни сторители на кривични дела, вкупно биле примени 3 178 предмети. Четириесет проценти од нив, односно 1 295 предмети се за прекршување на здравствените прописи за време на пандемијата“,
се наведува во анализата на „Призма“.