Искуството од повеќе досегашни случаи покажува дека кога станиците ќе се направат, проблемите допрва почнуваат. Јавните комунални претпријатија, кои низ целата држава се во тешка состојба, одеднаш добиваат нов капацитет што треба да го управуваат, кој работи со висока технологија и чие функционирање чини многу пари. Неопходно е да се зголемат сметките за вода за да се покрие новиот трошок, пишува „Призма“
Реката Кумановка се влева во Пчиња на почетокот од живописната Бислимска Клисура, подрачје препознаено по своите природни богатства и сѐ попопуларно меѓу туристите. Еден километар погоре, пак, во Кумановка се влева прочистената вода од кумановската канализација. Тука се наоѓа пречистителната станица, една од постарите и поголемите во земјава.
Вака, „Призма“ ја почнува сторијата за своето најново истражување за тоа како функционираат постојните пречистителни станици, од кои најголемиот дел се изградени со странски донации во последниве две децении.
Водата од Кумановка, пишува понатаму, прво минува низ решетка за да се запрат отпадоците. Сешто може да се најде тука – од пластични шишиња до цели парчиња мебел. Потоа оди во базените за таложење, за да се собере тињата. На крајот, со помош на големи машини, т.н. мамут-ротори, се врти во круг додека бактериите ги разградуваат органските материи. На крајот таа истекува во реката без ѓубре и без фекални остатоци.
Сето тоа изгледа многу едноставно гледано отстрана, но за да функционира и да спречува фекалната вода директно да се излева во реките и во езерата, е потребно многу.
„Пречистителните станици се најголеми потрошувачи на струја во јавните комунални претпријатија и се голем товар по нивните буџети. Опремата мора да се одржува и да се менува кога ќе застари, а замена на еден дел може да чини илјадници евра. Им недостигаат и стручни кадри и општи работници“,
пишува „Призма“.
Според податоците што редакцијата на „Призма“ ги добила од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, кое ги обединува јавните комунални претпријатија во државава, од вкупно 26 пречистителни станици за отпадни води, седум воопшто не функционираат, две работат само со основно пречистување, најмалку четири имаат сериозни проблеми со финансиската одржливост, а и другите се соочуваат со предизвици со одржувањето на опремата и наоѓање соодветен кадар.
Иако вакви станици се граделе уште во 1970-тите и во 1980-тите години, тоа биле мали проекти. Прочистувањето на водите од канализацијата е релативно нова област во државава и повеќето инвестиции се направени по 2000 година, а најголемите проекти дојдоа во последниве пет години.
Податоците од Министерството за животна средина покажуваат дека до 2017 година, нешто над 13 отсто од населението било покриено со оваа услуга, односно дека само мал дел од канализациската вода поминувала некакво прочистување пред да се врати во реките и во екосистемот.
Оттогаш, пишува „Призма“, со помош на Европската Унија, Германија, Швајцарија и други донатори, се изградија и се пуштија во употреба неколку поголеми станици во Струмица, Радовиш, Кичево, Кочани, Гевгелија и во Прилеп. Со нив, покриеноста се зголеми на над 37 отсто.
Ако се исполнат плановите до 2027 година да се направи скопската, како и станиците во Тетово, Битола, Штип и Велес, ќе се прочистуваат отпадните води што ги создаваат околу 75 отсто од жителите на земјава и, ако сѐ функционира, би се постигнале високи стандарди во оваа област.
„Искуството од повеќе досегашни случаи покажува дека кога станиците ќе се направат, проблемите допрва почнуваат. Јавните комунални претпријатија, кои низ целата држава се во тешка состојба, одеднаш добиваат нов капацитет што треба да го управуваат, кој работи со висока технологија и чие функционирање чини многу пари. Неопходно е да се зголемат сметките за вода за да се покрие новиот трошок. Цената ја определува Регулаторната комисија за енергетика, и во зависност од општината, оваа услуга чини од 10 до 18 денари за потрошен кубен метар вода“,
пишува „Призма“.
Ако се има предвид дека едно домаќинство во просек троши од пет до десет кубни метри месечно, тоа значи дека би плаќало до 200 денари повеќе. Но, цените се држат ниски за да не се оптоварува домашниот буџет, а парите што се собираат од наплата не се ни од далеку доволни за да се покријат трошоците.
Целата сторија можете да ја прочитате ТУКА.