Партиите и коалициите учесници на предвремените избори за пратеници, кои се одржаа на 15 јули годинава, за време на кампањата закупиле рекламен простор на портали вреден вкупно 549.000 евра, објави порталот Призма.
Во истражувањето „Призма“ направиле вкрстена анализа на изборните извештаи на партиите и на самите медиуми што ги објавуваат институциите надлежни за следење на изборниот процес.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Обнова на Македонија“ одвоила убедливо најмногу за реклами на сајтови – 272.000 евра, по неа следи партијата ДУИ со 134.000 евра, додека трета е коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, со потрошени 69.500.
Значителна сума за пропаганда на сајтови од 30.000 евра потрошила и коалицијата „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, предводена од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев.
Останатите учесници на изборите имале минимални буџети за интернет – рекламирање, меѓу 1.000 и 10.000 евра, додека коалицијата Алијанса за албанците и Алтернатива воопшто не се промовирала на портали.
Од овие 549.000 евра што ги фактурирале порталите за сите партии и коалиции, 475.000 или 86 проценти ќе ги плати државата, бидејќи толку вреди рекламниот простор што го закупиле партиите што учествуваа на изборите во 2016 година – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ДПА и Левица.
Тие што не учествуваа на претходните избори, сами ќе си ги платат рекламите. Така предвидува Избодниот законик.
Повеќе за рекламирањето на партиите прочитајте во истражувањето на Призма.