Бавноста на институциите задолжени за заштитата на културното наследство, нивната заплетканост во бирократски процедури, како и недоволниот интерес, овозможи, во чувствителната зона околу скопското Кале да почнат да никнуваат приватни комерцијални објекти, се вели во истражувањето на БИРН, објавено од Призма.
Хотелот „Ми Каса Ориент“ е највпечатливата градба во околината, со масивен портал изграден од тули на предната фасада и со конструкција од стакло и метал околу неа. Се наоѓа на точно 94 метри од влезот во Калето, на просторот меѓу тврдината и Музејот на современа уметност.
„Мојата идеја беше да се изгради во мароканско-андалузиски стил и архитектонското студио успешно го вклопи тоа“,
вели за БИРН, сопственикот на објектот, бизнисменот Ферки Демировски.
Законски на местото не може да има хотел, па Демировски вели дека ќе го водат како приватен објект со соби за издавање. Од 7 февруари 2020 година имаат отворено фирма со име „Ми Каса Ориент“, чија сопственичка и управителка е неговата сопруга Елма Демировска, а е регистрирана под шифра за „хотели и слични објекти за сместување“.
Засега работи само барот и летната тераса, а за хотелот се чека да се категоризира, па да почне да пречекува гости.
Неавтентичниот изглед е само мал дел од проблемите со хотелот. Никому не му е јасно како тој воопшто се изградил таму. Дури и сопственикот Демировски вели дека „не ги знае сите детали“.
„Земјиштето каде што се наоѓа, според катастарските податоци, е во сопственост на државата и за него се води постапка за приватизација од 2011 година. Во Генералниот урбанистички план, целиот простор меѓу тврдината и музејот е означен како зеленило, без градби, и како контактна зона за заштита на Калето. Досега за тоа место не бил направен детален урбанистички план, како основен документ за нешто да може легално да се гради“,
се вели во истражувањето на БИРН.
Граодначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека ова е заштитено подрачје и затоа не се правеле урбанистички планови.
„Сега се подготвува првиот. Бидејќи немало план порано, немало законска основа за општината да издаде градежна дозвола за што било на тоа место“,
вели Богдановиќ.
И покрај сето тоа, објектот постои и е запишан во катастарот како недвижност во приватна сопственост, изградена врз државно земјиште. Попрецизно, во имотниот лист достапен на интернет, на парцелата се впишани десет станбени единици со различни димензии, со вкупна површина од 270 квадратни метри.
Демировски, за БИРН, вели дека прво купил куќа малку погоре од хотелот, за да живее во неа со семејството, па соседите му ги нуделе и своите бараки. Тој додава дека хотелот се градел две-три години.
„Од историските сателитски снимки и од корисничките фотографии на Гугл може да се види дека тој е направен во 2020 година на местото на поранешен помал и невпечатлив угостителски објект. Објавите на социјалните мрежи, пак, покажуваат дека барот на хотелот со летната тераса со панорамски поглед на градот пречекува гости од октомври 2020 година“,
се вели во истражувањето.
Катастарските документи покажуваат дека повеќето поранешни сопственици ги легализирале своите имоти меѓу 2014 и 2016 година. Со легализациите не било опфатено само тоа што порано го имале како бараки, туку и тоа што во меѓувреме го доградувале, па така некои единици се зголемиле од 19 на 30 квадрати, од 52 на 80 квадрати итн. Заедно се собрале 270, колку што изнесува и основата на хотелот. Во документите сѐ уште стои дека има еден кат, но тој има и поткровје.
Целото истражување прочитајте го на Призма.