Претходно, базата на БИРН „Верски имоти под лупа“, покрај регистрираниот верски имот, откри дека МПЦ-ОА, освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, од Перт, почнаа бизнис-соработка преку фирма што заеднички ја основаа, објави „Призма“.
Дејноста на фирмата „Константин енерџи“ е производство на енергија од обновливи извори.
Според податоците од Централниот регистар, фирмата е основана со паричен влог од 5.000 евра.
Директор е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа.
На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија ѝ се: унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон, во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Ова не е прв влез на МПЦ-ОА во енергетскиот сектор.
Во 2020 година МПЦ-ОА заедно со три физички лица и друштвото „Мелничко-пекарска индустрија Жито Караорман“, ја основаа хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево.
Претходно, базата на БИРН „Верски имоти под лупа“, покрај регистрираниот верски имот, откри дека МПЦ-ОА, освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп.