Меѓу 14-те осомничени во истрагата што ја почна СЈО се Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев и Цветан Панделески одреден период поминаа во притвор, или како што констатира „Призма“ – поранешни функционери и бизнисмени, кои се поврзани и приватно и професионално
Со години БИРН и други медиуми пишуваа за лукративните потфати на оваа неформална групација – евтино заокружуваа градежни парцели во центарот на Скопје, преземаа успешни фирми или купуваа акции во најголемите македонски компании
Прашање на денови е кога предметот „Империја“ ќе влезе во судница, а во неформалните контакти на „Призма“ не се откриваат информации дали сите 14 осомничени во истрагата на СЈО од пред три години ќе бидат и обвинети.
Ова следува откако минатата недела е замрзнат имот во истрагата за овој предмет, што упатува на Сашо Мијалков, а анализата на замрзнатите хотел, куќа, акции и деловен простор дава впечаток дека и во „Империја“, како и во „Плацови на Водно“, обвинителството ќе се фокусира да докаже дека поранешен висок функционер, во случајов шеф на УБК, нелегално стекнал имот и вешто го криел од јавноста со помош на горе-долу истите посредници.
„Надевајќи се на поблаги казни, дел од тие посредници неочекувано ‘пропеаја’ за имотот на експремиерот и логични се очекувањата за реприза во ‘Империја’“,
се вели во анализата на „Призма“, под наслов „Посредниците куртулуваат „пеејќи“.
Меѓу 14-те осомничени во истрагата што ја почна СЈО се Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев и Цветан Панделески одреден период поминаа во притвор, или како што констатира „Призма“ – поранешни функционери и бизнисмени, кои се поврзани, и приватно, и професионално.
Притоа се потсетува дека со години, БИРН и други медиуми пишуваа за лукративните потфати на оваа неформална групација – евтино заокружуваа градежни парцели во центарот на Скопје, преземаа успешни фирми или купуваа акции во најголемите македонски компании.
„Од новинарските истражувања се исцртуваа сомнежи дека Сашо Мијалков, како шеф на тајната полиција и прв братучед на Груевски, бил тој што обезбедувал моќ и капитал и оти неговиот компањон од младоста Орце Камчев ја контролирал мрежата од фирми и луѓе што се користеле како плашт. За сето тоа да функционира со години се чини клучно беше побратимството меѓу Камчев и Мијалков. Затоа, пак, растурањето на тоа другарство по политичките промени ја преполни чаршијата со шпекулации“,
пишува „Призма“ и цитира една изјава на Камчев во која тој вели: „Бевме пријатели, повеќе не сме. Причините се различни, во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“.
Исто така се потсетува дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога Камчев влегуваше во некоја голема компанија, веднаш се ширеа шпекулациите дека и Сашо Мијалков е дел од истата бизнис-авантура и иако него никаде го немаше во официјалните документи, како по правило, во хартиите, покрај Камчев, се впишуваше и фирмата со мистериозно сопствеништво – „Ексико“. А, судот во петокот замрзна акции на оваа фирма.
Освен Камчев, слична улога би можел да одигра и градежникот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, кој во „Плацови на Водно“ призна дека бил посредник, а замрзнувањето на имотот го инволвира и во „Империја“.
„Александар Ивановски му е бизнис-партнер на Сашо Мијалков во хотелот ‘Мериот’. На хартија, две третини од угостителскиот објект се негови, а остатокот е во сопственост на семејна фирма на Мијалкови. Индикативно е што во рамките на ‘Империја’, судот не го замрзна само уделот на Мијалкови, туку и делот на Ивановски, и покрај тоа што досега не се најде на листата на осомничени…“,
се вели во текстот на „Призма“.
Исто така во петокот беше објавено дека е замрзнат и деловен простор во објектот на скопскиот плоштад што го гради рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој исто така се појавува во „Плацови на Водно“, како и семејната куќа на Сашо Мијалков на Водно, која формално е запишана на компанија на скопскиот адвокат Серјожа Марков.
„Новинарите, во деценијата зад нас, открија и други имоти и зделки што се врзуваат со оваа група, а кои не се замрзнати. Повеќе од веројатно е дека и тие се во фокусот на обвинителите зашто нивното петочно соопштение финишира со реченицата ‘запленувањето не е конечно’“,
се вели во текстот на „Призма“.
Целиот текст може да го прочитате тука.
