При извршените инспекциски надзори кај дел од правните субјекти беа утврдени неправилности и согласно законските одредби издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2 823 870 денари
Дваесет и шест угостителски објекти добија привремена забрана за вршење дејност при засилените инспекциски надзори што Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ги изврши во текот на месецов на територија на цела држава.

Надзорите се извршени за да се утврди дали се почитуваат одредбите од Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето. Во текот на декември извршени се 542 инспекциски надзори, од кои 269 надзори врз основа на Законот за угостителска дејност и 273 надзори врз основа на Законот за заштита од пушењето.
„При извршените инспекциски надзори кај дел од правните субјекти беа утврдени неправилности и согласно законските одредби издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2 823 870 денари. Како резултат на утврдените прекршоци изречени се и 26 мерки – привремена забрана за вршење на дејност“,
наведуваат од Државниот пазарен инспекторат.
Од ДПИ додаваат дека ќе продолжат со спроведување на инспекциските надзори и во наредниот период во пресрет на празниците со цел заштита на јавниот интерес на граѓаните.
