Приведени се петмина скопјани кај кои е пронајдена дрога. Станува збор за два одделни случаи, во првиот приведени се четири лица, а во вториот едно лице.
Во првиот случај, лишени од слобода се С.Б.(26), А.А.(29), О.Ш.(33) и Ж.Т.(28), сите од Скопје, затоа што при личен преглед и претрес во дом кај нив биле пронајдени и одземени амфетамин, марихуана и екстази.
„По преземени мерки, А.А. и О.Ш. биле затекнати при средба со С.Б., по што биле запрени и при преглед кај нив бил пронајден и одземен амфетамин. Подоцна, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.Б. каде биле пронајдени и одземени амфетамин, марихуана, екстази и дигитална вага“,
информира Министерството за внатрешни работи.
Исто така, во дворот на С.Б. бил затекнат Ж.Т. и при преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана.
Во вториот случај, полициски службеници од СВР-Скопје денеска привеле едно лице од Скопје, кај кого пронашле кафеава прашкаста материја и дигитална вага.
„Полициски службеници од СВР Скопје- Единица за недозволена трговија, по претходно добиена судска наредба од Основен кривичен суд- Скопје, извршија претрес во дом кај Ѓ.С.(42) од Скопје и при претресот е пронајдена кафеава прашкаста материја и дигитална вага. Лицето е приведено во полициска станица Центар“,
велат од полицијата.
За двата случаи полицијата постапува и против приведени лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
