Според доказите обезбедени од Обвинителството, осомничените во 2023 година станале членови на групата која дејствувала подолг временски период и која имала за цел да врши убиства од одмазда и по порачка – кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор
Четворица членови на криминалната група Беланоца-Барон се уапсени во акцијата која утринава ја спроведоа Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во рамки на истрагата за предметот „Бункер“.
Тие се приведени во текот на претресите кои утринава се вршеа на пет локации во Скопје. Во домот на еден од осомничените е пронајдено и поголемо количество на марихуана, кое ќе оди на вештачење.

Четворицата приведени се осомничени за злосторничко здружување и за убиство, а еден од нив се сомничи и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според доказите обезбедени од Обвинителството, осомничените во 2023 година станале членови на групата која дејствувала подолг временски период и која имала за цел да врши убиства од одмазда и по порачка – кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор.
„Така, тројца од осомничените во текот на јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група Грчец. Во мај 2024 година, пред објект на т.н. ‘Пластичарска’ улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало“,
наведуваат од Обвинителството.
На тројца од осомничените ОЈО ГОКК ќе побара Основниот кривичен суд Скопје да им определи мерка притвор, а на еден од нив да му бидат одредени мерки на претпазливост.