Четворица скопјани се приведени вчера во Гостивар под сомнение дека продавале дрога и оружје. Меѓу приведени има и полициски службеник.
Како што соопштија МВР, синоќа во 21:40 часот во Гостивар на ул. „Илинденска“, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од полициски службеници од Полициската станица Гостивар лишени од слобода биле Е.В. (29), М.К. (20), Л.Б. (24) сите од Скопје и М.К . (25), полициски службеник од Скопје.
Имено, при извршениот преглед врз патничко моторно возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки управувано од М.К. пронајдено било огнено оружје, непозната марка, со рамка и осум куршуми како и кеса со остатоци од прашкаста материја.
Известен бил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
