Од МВР велат дека за случајот е известен јавен обвинител, а по комплетно документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни пријави

Полицијата во Струмица приведе четири лица кои се сомничат дека во саботата вечерта го подметнале пожарот во патничко возило „ленд ровер“. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека на 21 и 22 февруари, од слобода се лишени 19-годишниот К. Г. од Струмица и Д. Г. (19), Р. П. (38) и А. Т. (26) од струмичките села Секирник, Владевци и Еднокуќево.
Во текот на вчерашниот ден, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на осомничените.
Во домот на Р. П. биле пронајдени остатоци од марихуана, кај А.Т. е пронајдена материја за која самиот изјавил дека е хашиш. Во домот на К. Г. се пронајдени делови од облека, за кои постои сомнение дека ги носел за време на извршување на делото.
Од МВР велат дека за случајот е известен јавен обвинител, а по комплетно документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од полицијата вчера рекоа дека од запаленото возило „ленд ровер“ бил зафатен уште еден автомобил „форд“, паркиран во негова близина. Возилото „ленд ровер“, од МВР велат дека било сопственост на 51-годишниот Н. М. од Струмица, додека „фордот“ бил на сограѓанинот В. Т. (53).
