Откако родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на местото на настанот. Меѓутоа, осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка и предложи мерка притвор за 23-годишен велешанец, осомничен за насилство врз дете и шест кривични дела напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.
Според соопштението од Јавното обвинителство, постои основано сомнение дека на 13 јуни, осомничениот физички нападнал девојче родено 2016 година. Најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја, тој започнал да ја влече по улицата.
Откако родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на местото на настанот. Меѓутоа, осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете.
„Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници биле принудени да испукаат два предупредувачки куршуми во воздух“,
велат од Обвинителството.
Осомничениот се дал во бегство и бил недостапен два дена.
По неговото приведување во полициска станица, додаваат од Обвинителството, тој продолжил да им се заканува на полицајците.
Поради ова, како и поради опасност од бегство, обвинителот оценил дека постои реална опасност тој да ги доврши кривичните дела доколку биде пуштен да се брани од слобода, па затоа е поднесен предлог за определување мерка притвор.