Полициски службеници му ги одзеле табличките и флешерите, а по документирањето на случајот против тетовецот ќе бидат изготвени соодветни поднесоци
Педесет и шестгодишен тетовец, Р. Љ., е приведен откако полицијата го затекнала со автомобил „мерцедес“ чии регистарски таблички биле обоени во црвена боја. Настанот се случил вчера попладне околу 16:40 часот.

Освен што табличките со тетовски ознаки биле обоени во црвено, на автомобилот биле вградени и светлосни сигнали – флешери. Полициски службеници од одделението во Теарце му ги одзеле табличките и флешерите, а по документирање на случајот е најавено дека ќе бидат изготвени соодветни поднесоци против тетовецот.
Инаку, согласно одлука на Владата од јули годинава, од неодамна се воведени нови црвено-жолти регистарски таблички кои се наменети исклучиво за службените возила во државна сопственост, со цел полесно распознавање и пријавување потенцијални злоупотреби.