Сите препораки беа во насока дека ќе се модернизира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но сè зависи и од нас. Значи, ние треба да ги послушаме советите и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици, рече претставникот на приватните превозници по средбата во Град Скопје

По четиричасовната средба со градските власти, приватните превозници најавија дека блокади на сообраќајници нема да има и дека наскоро ќе се вратат да сообраќаат со своите автобуси по скопските улици.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници за разговори со Град Скопје, рече дека средбата поминала во најдобар ред и дека им биле дадени насоки како да продолжат да дејствуваат.
„Голема благодарност до градоначалничката што нè повика на оваа средба која е значајна за сите нас. Ни даде насоки, се договоривме за многу работи, ќе дејствуваме како што ќе нè насочат. Средбата помина во најдобар ред. Останува сега на нас превозниците да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на скопските улици. Сите препораки беа во насока дека ќе се модернизира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но сè зависи и од нас. Значи, ние треба да ги послушаме советите и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици“,
рече Зафировски.
Според него, иако официјално не е ништо договорено, дадени се насоки, и тие понатаму треба да се координираат со колегите.
„Сега треба да се координираме со колегите, да им пренесеме детали од оваа средба, но сè е позитивно. Во текот на оваа недела ќе има најмалку уште еден состанок за да ги допрецизираме сите работи. Треба ова да им го пренесеме на колегите, но штом нам ни одговара ќе им одговара и на колегите“,
додаде тој.
Зафировски не прецизираше од кога точно приватните превозници ќе почнат да сообраќаат, но најави дека нови блокади нема да има.
Засега немаат понуда за кои линии ќе треба да возат, но Зафировски најави дека до четврток ќе имаат уште една средба на која се очекува да се допрецизираат работите.
Во однос на долгот кон приватниците, тој рече ним им должи ЈСП.
„Кон нас приватните превозници Град Скопје нема долг. ЈСП има долг и тие треба да го платат“,
рече тој додавајќи дека се оди во насока дека конечно ќе се реши нивниот проблем и за многу кратко време ќе почнат со работа.
Средбата со градските власти дојде откако приватните превозници најавија нови блокади на крстосниците и булеварите.