Во автобус со скопски регистарски ознаки, кој сообраќал до Копер, Словенија, осомничениот пренесувал 1 091 грам дрога
Судот во Куманово му одреди 30-дневен притвор на 31-годишен жител на скопското село Никиштане, осомничен за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство во Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка.
Како што соопштија од обвинителството, на 2 февруари, на излез од државата на граничниот премин „Табановце“, осомничениот неовластено, за продажба, држел и пренесувал наркотична дрога – хероин.
Во автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на туристичка агенција, кој сообраќал на релација Скопје-Копер, Словенија, осомничениот, во горниот багажен дел од автобусот, во најлонска кеса, пренесувал вкупно 1 091 грам хероин.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување на мерката притвор против осомничениот бидејќи, како што посочуваат од Обвинителството, постои основан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода или да ја попречува истрагата.
Судијата на претходна постапка донесе решение со кое му определи притвор во траење од 30 дена.