Момчето и девојката кои го нападнале ракометарот ќе чекаат судење во притворот во Шутка, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис
Судија на претходна постапка им одреди 30-дневен притвор на двајцата осомничени за убиство на 27-годишниот ракометар на Бутел, хрватскиот интернационалец Денис Тот, заради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата, јави Фокус.
Момчето и девојката кои го нападнале ракометарот ќе чекаат судење во притворот во Шутка, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис.
Осомничени за убиството се 28-годишниот А. Ѓ. кој е и првоосомничен за убиството, како и 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л, кои го нападнале хрватскиот ракометар, Тот, кој подоцна им подлегна на повредите.
Иако првично, информациите од лекарските извештаи за смртта на ракометарот беа дека тој бил примен на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), без срцева акција и без траги на насилство, обдукцијата утврди дека смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесени удари.
Од Обвинителството кажаа дека кривичното дело се случило на 7 април, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест.
„Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“,
информираа од ОЈО.
Денеска повторно се огласија од КАРИЛ, со тврдење дека на телото немало видливи повреди.
За да се разрешат дилемите, пак, Министерство за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третман на младиот ракометар.
