Адвокатот најави дека ќе поднесат жалба од второстепениот суд за одредените притвори на осомничените

Софискиот окружен суд им одредил притвор на четворица од петте лица што се приведени за време на немирите што во саботата се случија пред зградата на претставништвото на Европската комисија и Европскиот парламент.
Малолетникот меѓу нив е пуштен на слобода и ќе го надгледува детската педагошка служба.
„На четворица од петтемина осомничени за насилниот протест на партијата Преродба пред зградата на Европската комисија во Софија им е одреден притвор, додека еден е пуштен да се брани од слобода бидејќи е малолетник и постапката за него ќе оди преку други надлежни служби“, изјави денеска Петар Петров, пратеник од партијата „Преродба“ и адвокат на обвинетите.
Мотивите на судот за преземање најстрога мерка кон останатите е опасноста да извршат уште едно слично кривично дело, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Мерките се разгледувале зад затворени врати поради тоа што еден од обвинетите имал 17 години.
Одлуката на судот не е конечна и може да се обжали на 4 март.
Петров најави дека ќе поднесат жалба од второстепениот суд за одредените притвори на осомничените.
„За овој дел од пресудата што се однесува на четворицата обвинети ќе се жалиме во вторник во софискиот градски суд. Причините во барањето за превентивна мерка оти може да направат друго кривично дело на 26 февруари е апсолутно измевање на човековото право на луѓето да протестираат“, вели Петров.
Според адвокатот, пак, станува збор за невини лица, меѓу кои има студент, и кои сакаат да продолжат нормално со своите животи.
Тој во изјава за медиумите наведе дека обвинителството било селективно во однос на фрлањето црвена боја на зградата бидејќи во еден случај реагирало, а во друг случај, за кој имало и видео на социјалните мрежи, воопшто не сакало да изврши увид.
Исто така, одговарајќи на новинарско прашање, адвокатот рече дека не знае и нема информација дека софиското градско обвинителство води некаква истрага против пратеници на Преродба кои биле дел од насилниот протест.
Во саботата приврзаниците на партијата Преродба се собраа пред зградата на Бугарската народна банка и демонстрираа во одбрана на бугарскиот лев и против воведувањето на еврото. Протестот го продолжија до зградата каде што е сместена Европската комисија во Софија и фрлаа црвена боја врз неа и димни бомби, запалена беше влезната врата, а имаше и судир со полицијата.
Од Преродба велат дека нивниот протест ќе продолжи и в среда во Народното собрание. Партијата бара оставка од владата поради, според нивните зборови, „незаконските дејствија за внесување на Бугарија во еврозоната“.