Според информациите од ОЈО, делото е извршено со умисла при вршење семејно насилство. Осомничениот ја нападнал својата мајка додека таа спиела во една од собите во семејниот дом, нанесувајќи ѝ смртоносна повреда со убод од кујнски нож во вратот

Основното јавно обвинителство Кавадарци покрена истражна постапка против 27-годишен жител на Росоман, кој е осомничен за кривично дело убиство извршено врз сопствената мајка.
Според информациите од ОЈО, делото е извршено со умисла при вршење семејно насилство. Осомничениот ја нападнал својата мајка додека таа спиела во една од собите во семејниот дом, нанесувајќи ѝ смртоносна повреда со убод од кујнски нож во вратот.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“,
се наведува во соопштението на ОЈО Кавадарци.
Од кавадаречкиот суд, во изјава за МИА, велат дека предлогот на Обвинителството е прифатен и на 27-годишникот му е определен притвор од 30 дена.
Претходно денеска од ОЈО Кавадарци рекоа дека во рамки на постапката е издадена наредба за обдукција на телото на починатата.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека 27-годишникот рано утринава сам се пријавил во полициска станица откако околу 7:30 часот наутро во семејниот дом со употреба на остар предмет ѝ нанел убодни рани на својата 54-годишна мајка, која им подлегнала на повредите.
