Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, изјави дека пациентот што се врати од Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба и извесен период од неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Клиниката
Почна враќањето на повредените во пожарот во т.н. кабаре во Кочани кои беа пренесени на лекување во земјите од соседството и во други европски држави.

Попладнево во земјава пристигна првиот пациент кој се лекуваше во странство, односо младо лице кое беше хоспитализирано во здравствена установа во Белград, Србија.
Пациентот беше пречекан од министерот за здравство Арбен Таравари и од министерот за надоворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пред Универзитетската клиника за токсикологија, каде што извесен период ќе биде на опсервација.
Според протоколите на Кризниот штаб во Министерството за здравство, формиран по трагедијата во Кочани, секој од пациентите, како што ќе се враќаат во земјава, минимум 24 часа ќе бидат на опсервација во некоја од клиниките во земјава каде ќе бидат сместени.
„Од вкупно 115 пациенти коишто се лекуваат надвор од државата денеска се врати првиот пациент од Белград конкретно. Конкретно, пациентот ќе биде на Клиниката за токсикологија, а потоа докторите тука и конзилиумот на лекари ќе одлучат како понатаму, дали треба да се испрати во друга клиника, дали треба да продолжи со лекување или може да се пушти во домашни услови. Следните денови очекуваме и други пациенти да ни се враќаат и посакувам сите 115 живи и здрави да ни се вратат во Македонија и да продолжат да живеат нормално“,
рече Таравари.
Тој додаде дека очекува во текот на оваа недела во земјава да се вратат од осум до 10 пациенти кои се на лекување во странство.
„Но, да не брзаме, првиот стигна“,
рече министерот за здравство.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, изјави дека пациентот што се врати од Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба и извесен период од неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Клиниката.
„Во моментот се прават некои клинички иследувања, тој е прегледан, во сосема добра состојба е, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме да си оди дома кај семејството“,
рече Чибишев.
Прашан за какви иследувања станува збор, тој појасни дека според протоколот треба да му се направат основни лабораториски анализи, како и интервју за да видат низ што сè поминал додека се лекувал во Белград.
„И доаѓањето во својата држава, доаѓањето дома, секако дека за него е стресна состојба и не можеме ние веднаш да го пуштиме да си оди дома, туку малку ќе биде тука со нас, ќе се дружи со нашиот персонал, а во меѓувреме ние ќе ги направиме тие иследувања“,
кажа директорот на Токсикологија.

Одговарајќи на прашање дали за овој и за другите пациенти кои се враќаат ќе се прават и психолошки опсервации, Чибишев рече дека Кризниот штаб има подготвено повеќе тимови составени од психијатри и психолози кои ќе работат со сите пациенти, и тие што се лекуваат во државата и тие што ќе се враќаат од државите каде што биле трансферирани.
„Секако дека психичката траума е голема, стресот е голем и на тие пациенти ќе им треба и психијатриска и психолошка поткрепа“,
рече тој.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски по повод враќањето на првиот пациент од лекување во странство, рече дека според најавите што ги имаат во земјава постепено ќе се враќаат пациентите што се во најдобра здравствена состојба.
„Но, не би прејудицирале сега точно затоа што тоа е процес којшто е динамичен и којшто е пред сè е базиран на одлуки на стручните медицински лица надвор од државата и стручните медицински лица коишто ги имаме тука. Ние сме целосно на располагање на семејствата, во постојана комуникација сме со семејствата и со голем дел од пациентите“,
изјави Муцунски.