Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља им честитал на институциите за „покажаниот успех“ за време на полициската акција
Од друга страна, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека „ова води до нови конфликти на Балканот со непроценливи последици“
Косовските власти денеска соопштија дека ја затвориле филијалата на банката на „Поштенска штедилница на Србија“ и уште пет нејзини објекти во четири општини на северот на Косово, населен со мнозинско српско население, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Филијалата и објектите се затворени во полициска акција, која, како што соопшти полицијата на Косово, била спроведена врз основа на извештаите на институциите за финансиски надзор, односно едницата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово, заедно со Даночната управа на Косово.
Акцијата на косовската полиција во Косовска Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток предизвика жестоки реакции од официјален Белград.
Инаку, во соопштение од косовската полиција наведуваат дека акцијата се одвивала без проблеми и инциденти.
„Целта на полициската акција е воспоставување ред и законитост, при што по овластување на надлежен обвинител беа затворени шест единици на таканаречената нелегална ‘Поштенска штедилница’ на северот од државата“,
велат од полицијата.
За време на акцијата, како што пренесува РСЕ, можеле да се забележат и претставници на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) и на мировната мисија на НАТО на Косово – КФОР.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља им честитал на институциите за „покажаниот успех“ за време на акцијата.
Од друга страна, српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека акцијата на косовската полиција против деловните субјекти на северот на Косово е „чин на варварство што директно го загрозува опстанокот на српскиот народ“ на Косово.
„Кому и зошто му пречи ‘Поштенска штедилница’? Заради проверката, косметските Срби се единствената заедница во Европа која не може нормално да работи? Дали Србите од Космет имаат право на плати и пензии? Или сè е дозволено против нив?“,
се вели во соопштението на владата на Србија.

Во соопштението се додава дека ова не е прашање на премиерот на Косово, туку на меѓународната заедница.
На акцијата реагираше и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој по тој повод изјави дека со упадот на полицијата во филијалите на „Поштенска штедилница“ косовскиот премиер Албин Курти „продолжува со теророт врз српскиот народ на Косово“.
Ова, како што додава Дачиќ, „води кон нови конфликти на Балканот со непроценливи последици“.
Акцијата на косовските власти уследи една недела откако Централната банка на Косово објави дека завршил преодниот период на нејзината регулатива со која се забранува користењето на српскиот динар како средство за плаќање.
Регулативата на Централната банка на Косово, која го предвидува еврото како единствена валута за плаќање, наиде на жестоко противење од Србија.
Србија издвојува милиони евра за исплата на плати, пензии и дополнителна помош на Србите во Косово во динари.
И меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата за нејзината Централна банка, наведувајќи го негативното влијание што може да го има врз српската заедница во Косово.