Ситуацијата за РСЕ ја потврдиле од СИПА, од каде што соопштиле дека членовите на државната Агенција сакале да постапат по наредба на судот на Босна и Херцеговина. За време на настанот не била употребена сила
Припадници на Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) на Босна и Херцеговина денеска се обиделе да го приведат претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, но биле спречени од Министерството за внатрешни работи на српскиот ентитет кој е дел од БиХ, објави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тимовите на СИПА, како што се наведува, се обиделе да влезат во зградата на Административниот центар на Владата на Република Српска во Источно Сараево, каде што е во тек средба на Додик со претставници на градот Источно Сараево, но биле запрени од припадници на Министерството за внатрешни работи на ентитетот.
Ситуацијата за РСЕ ја потврдиле од СИПА, од каде што соопштиле дека членовите на државната Агенција сакале да постапат по наредба на судот на Босна и Херцеговина.
За време на настанот не била употребена сила, рекле од СИПА.
За Милорад Додик, како и за претседателот на парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ, и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, од средината на март е распишана централна потерница, откако не се јавија на повикот за распит во Обвинителството на БиХ.
Тие се осомничени за напад на уставниот поредок на земјата.
Претходно, судот на Босна и Херцеговина побара од Интерпол да ја ревидира одлуката за одбивање на барањето за издавање црвена потерница за претставниците на раководството на Република Српска.
Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно побара распишување меѓународна потерница, имајќи предвид дека, како што наведуваат, Додик и Стевандиќ „користејќи ги своите високи позиции во РС, избегнувајќи ги законски пропишаните процедури за гранична контрола, ја преминале државната граница и ја напуштиле БиХ“.
Двајцата функционери ја напуштија БиХ и се враќаа во земјата неколку пати откако беше распишана централната потерница.
Додик во февруари со првостепена пресуда беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење политичка функција. Сепак, оттогаш властите на Република Српска донесоа низа закони со кои се забранува работата на државните правосудни и истражни органи на територијата на овој ентитет.
Додик беше осуден, бидејќи во 2023 година Националното собрание на РС усвои закон според кој одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, нема да се објавуваат во Службениот весник на РС, ниту ќе се спроведуваат во тој ентитет. Набргу потоа, високиот претставник го поништи законот, но Милорад Додик го потпиша указот за прогласување на законот.
Во меѓувреме, високиот претставник го измени и Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот во спроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. А со оглед на тоа што Додик сето ова го игнорираше, Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на Службениот весник на РС, Милош Лукиќ.