Откако адвокатите на британскиот принц Ендрју не успеаја да го убедат американскиот судија да ја отфрли тужбата против војводата од Јорк за сексуална злоупотреба, тој сега е обичен граѓанин и така ќе се брани на суд
Еден ден откако судијата во Њујорк дозволи случај против принцот Ендрју за сексуална злоупотреба, вториот син на кралицата Елизабета Втора остана без сите воени чинови и кралската титула, како и без добротворни средства, соопшти денеска Бакингемската палата.
Од Палатата објавија дека принцот Ендрју, кој е обвинет за силување на Вирџинија Џуфре кога била тинејџерка, што тој го негира, „нема да не презема никакви јавни должности и ќе се брани како обичен граѓанин“.

Тој повеќе нема да ја користи титулата „Неговото кралско височество“ во никакво официјално својство, како што беше случајот и со принцот Хари кога тој и неговата сопруга Меган се преселија во Америка во 2020 година.
„Со одобрение и согласност на кралицата, воената титула војвода од Јорк и кралското покровителство и се вратени на кралицата“,
се вели во соопштението на Бакингемската палата.
Неговите должности сега ќе ги извршуваат другите членови на кралското семејство.
Според Њујорк Тајмс, принцот Ендрју веќе е „во голема мерка протеран од јавниот живот“. Проблем беше фактот што и покрај обвинувањата против него, тој продолжи да ги носи сите свои почесни воени титули, поради што протестираа поранешните припадници на британските воени единици.

Инаку, барањето на адвокатот на принцот Ендрју да ја отфрли тужбата против него за сексуална злоупотреба на Вирџинија Џуфре вчера беше одбиено во судот во Њујорк, што од Бакингемската палата не сакаа да го коментираат. Судењето на принцот, кој ги негираше обвинувањата, ќе се одржи во текот на годината, најрано во септември.