Белата куќа инсистира дека Либан не е вклучен во договорот за прекин на огнот и дека тоа „е пренесено до сите страни“
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во објава на социјалната платформа Икс изјави дека условите за прекин на огнот меѓу Иран и Соединетите Американски Држави се „јасни и недвосмислени“ и дека САД мора да изберат – или прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел
Привременото примирје меѓу САД и Иран се најде на стаклени нозе за помалку од еден ден откако беше договорено. Причината се масовните напади што Израел денеска ги изврши врз сојузниците на Иран во Либан, додека Техеран нападна нафтени постројки во неколку земји од Персискиот Залив по тврдењата дека неговата енергетска инфраструктура била цел на напади.

Како одговор на нападите на Израел врз Либан, Иран го затвори Ормускиот теснец и покрај договорениот прекин на огнот, објавија иранските државни медиуми, посочувајќи дека властите во Техеран го третираат теснецот како сè уште затворен.
Условното примирје договорено меѓу САД и Иран, старо само неколку часа, содржеше одредба за привремено повторно отворање на клучниот поморски канал, преку кој минува една петтина од светската трговија со нафта и нафтени деривати, но и ѓубрива и други стоки.
Сепак, според иранската новинска агенција Фарс, властите во Техеран повторно го затвориле теснецот, откако преку него поминаа неколку брода, поради големите напади што Израел ги изврши врз Либан, а во кои, според извештатите на агенциите, се убиени повеќе од 250 луѓе.
Последите случувања доаѓаат во пресрет на закажаната средба на делегациите на САД и Иран во Исламабад в петок (10 април) каде треба да започнат детални разговори за мировен договор.
„Соединетите Американски Држави ќе соработуваат тесно со Иран, за кој утврдивме дека поминал низ она што ќе биде многу продуктивна промена на режимот“,
напиша Трамп на социјалните медиуми, пред, според американскиот јавен сервис Пи-би-ес, подоцна да каже дека Либан не е дел од договорот со Иран поради Хезболах.
„Тоа е посебен конфликт“,
додаде Трамп.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) објави дека ќе одговори во врска со израелските напади врз Хезболах во Либан, доколку тие не бидат веднаш запрени.
„Доколку агресијата врз нашиот сакан Либан не биде веднаш запрена, ние ќе ја исполниме нашата должност и ќе возвратиме“,
се вели во соопштението на ИРГЦ.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во објава на социјалната платформа Икс изјави дека условите за прекин на огнот меѓу Иран и Соединетите Американски Држави се „јасни и недвосмислени“.
„САД мора да изберат – или прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел. Не можат да ги имаат и двете“,
напиша Арагчи.
Во објавата Арагчи, посочи и на изјавата на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во која тој вели дека прекинот на огнот се однесува и израелските воени операции во Либан.
„Со задоволство објавувам дека Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави, заедно со нивните сојузници, се согласија на моментален прекин на огнот насекаде, вклучувајќи го и Либан и други места“, се вели во објавата на Шариф, што ја пренесе Арагчи.

Белата куќа денеска инсистираше дека Либан не е вклучен во договорот за прекин на огнот и дека тоа „е пренесено до сите страни“.
И американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во изјава за новинарите во Будимпешта рече дека САД никогаш не ветиле дека ќе го вклучат Либан во прекинот на огнот и дека Иран можеби имал таков впечаток поради недоразбирање.
„Мислам дека ова доаѓа од легитимно недоразбирање. Мислам дека Иранците мислеле дека прекинот на огнот го вклучува Либан. Ние никогаш не дадовме такво ветување, никогаш не посочивме дека тоа ќе биде случај“,
рече американскиот потпретседател.
Во меѓувреме влијателниот претседател на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф, кој треба да учествува во преговорите со САД, изјави дека три од десетте точки од предлогот на Иран веќе се прекршени, додавајќи дека во таква ситуација преговорите би биле неразумни.
„Одржливата основа за преговори што ја опиша американскиот претседател Доналд Трамп при објавувањето на примирјето во вторник вечерта „е отворено и јасно прекршена, дури и пред почетокот на преговорите“, нагласи тој, додавајќи дека „во таква ситуација, билатералното примирје или преговорите се неразумни“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, денеска изјави дека би било „неприфатливо“ Иран повторно да го блокира Ормускиот теснец.
„Претседателот е запознаен со оваа информација. Тоа е целосно неприфатливо. Ова е уште едне пример за она што го кажуваат јавно, а не она што го кажуваат приватно. Денес видовме зголемување на сообраќајот во теснецот“,
изјави Левит.
Во меѓувреме израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека договореното примирје меѓу Вашингтон и Техеран не означува крај на кампањата против Иран и дека Израел е подготвен да ја продолжи борбата во секое време.
„Сè уште имаме цели што мора да ги постигнеме и ќе ги постигнеме или преку договор или со продолжување на борбата. Прекинот на огнот не е крај на кампањата, туку чекор на патот што ќе не одведе до постигнување на сите наши цели“,
рече Нетанјаху во телевизиско обраќање.
