Тоа ни фали очајно, вели потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, кој е ортопед на скопските клиники и доцент на Медицинскиот факултет при УГД
Изградбата на нов клинички центар во Скопје треба да биде главен приоритет за македонското здравство, одговара потпретседателот на СДСМ и ортопед на скопските клиники Александар Трајановски, прашан дали е добра одлуката на власта да им даде приоритет на болниците во Кичево, Штип и Тетово.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 тој оцени дека клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не ги исполнува основните услови за функционирање на современа терцијарна здравствена установа.
„Примарно нешто што му треба на македонското здравство е нов клинички центар. Прво, вие да влезете на овој клинички центар ‘Мајка Тереза’, немате место за паркинг. Ќе вртите два часа и ќе излезете повторно од паркингот. Така што, за клинички центар кој решава терцијарни случаи, значи најтешки случаи, комплицирани случаи, тоа е недозволиво. Прво нешто што требаше да се направи е проекција, изградба на нов клинички центар. Тоа ни фали очајно“,
изјави Трајановски.
Прашан за владините планови за изградба на нови болници во Кичево и Штип, како и реконструкција на болницата во Тетово, Трајановски одговори дека регионалните болници во минатото имаа потенцијал за посериозни медицински интервенции.
„Ако се сеќавате порано, во голем дел од болниците и во внатрешноста се изведувале и тоа како тешки, комплексни операции. Да речеме, еден Охрид сега е барабар со клиничка болница во Скопје, со ‘8 Септември’“,
рече тој.
Според него, причината што пациентите најчесто бараат лекување во Скопје е токму недостигот на доверба во здравствените установи во другите градови.
„Зошто тоа замрело на некој начин – тоа има долга историја реално, затоа што некако сите сакаат да се лечат во Скопје. Зошто? Затоа што не веруваат во внатрешноста“,
кажа Трајановски.
Потпретседателот на СДСМ рече и дека проблемите во здравствениот систем не се поврзани само со инфраструктурата, туку и со човечките ресурси.
Во однос на можната локација за нов клинички центар, Трајановски смета дека најважно е објектот да има добра сообраќајна поврзаност и пристапност, по можност до автопат.
Тој рече дека СДСМ би поддржал изградба на нов клинички центар доколку проектот е добро анализиран и во интерес на граѓаните.
„Видете, сè што е од интерес на граѓаните, СДСМ ќе го поддржи. Сè што е од интерес на граѓаните, доколку е убаво елаборирано и претходно опфатено со долга анализа, а не да се носи сè преку ноќ“,
изјави тој.
Во однос на паралелата како реагираа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ при власт односно во опозиција, за потребата од набавка на нов владин авион, Трајановски смета дека здравствената инфраструктура треба да има далеку повисок приоритет.
„А што е поприоритетно за оваа држава – клинички центар или авион? Еве, реално, ако веќе ги отворивме разговориве, што е поприоритетно по вас? Еве, јас како граѓанин мислам дека клинички центар е поприоритетен отколку владин авион“,
рече Трајановски во интервјуто за „360 степени“.
Потпретседателот на СДСМ оцени и дека од промената на власта во 2024 година досега нема значајни подобрувања во јавното здравство посочувајќи дека честите промени на министри и политичките одлуки не донеле видлив напредок во системот.
