Последната среда во месецот за многумина е уште еден работен ден. За граѓанската иницијатива „На точак“, тоа е ден кога велосипедите ги полнат улиците во македонските градови. Велосипедот одамна е глобално препознаен како заштитник на животната средина, а од овој тренд не изостанува ни земјава. Скопје, Битола, Штип, Гостивар, Струмица, Тетово, Прилеп… вело-активистите од овие градови речиси цела деценија се обидуваат темата да ја „протнат“ до свеста на надлежните. Идејата е да се дејствува како критична маса, па така се насловени и овие активистички собири.
Оваа среда, прилепските активисти по 61-ви пат ги извадија велосипедите на улиците. Зборно место беше плоштадот „Александрија“ во 19 часот.

За конекцијата помеѓу Прилеп и велосипедите поразговаравме со активистот Киро.

„Велосипедите, ако гледаме наназад низ годините, се присутни во Прилеп и тоа е едноставно факт. Проблемот е што во Прилеп моментално има огромен број возила и лошата инфраструктура која или ја има во мал број, значи малку велосипедски патеки, мала километража, а добар дел се веќе и руинирани, бидејќи се изградени во некое минато време“, вели вело-активистот Киро.
Со какви предизвици се соочуваат прилепските велосипедисти, проверивме следејќи ги низ улиците, а камерата често ни поигруваше поради дупките.

Прилепчани се’ повеќе се одлучуваат возилата да ги заменат со велосипеди, па оттука бараат санирање и ширење на инфраструктурата за градот да стане вело-пријателски.
„Често возам велосипед, вклучувајќи и планинско возење. Овде луѓето се’ повеќе се мотивираат да возат велосипеди, а ако се поправи инфраструктурата, тој мотив ќе биде уште поголем“
ни посочи еден од присутните.
Со него е согласен и Киро, кој е помеѓу оние што ја знаат скоро секоја дупка низ градските улици.
„Подобрена инфраструктура навистина би требало да ги мотивира граѓаните, бидејќи Прилеп историски гледано е град на велосипедисти. Но, со текот на времето и можноста да се купуваат возила, во Прилеп возилата станаа дури и премногу, и не се во можност да функционираат во толку мала средина. Прилеп е многу мал град, и сите локации се блиски. Ако зборуваме реално, населението нема реална потреба од возила“
вели тој.
Активистите бараат, советуваат, предлагаат… но надлежните се оние што треба да слушнат. Градоначалникот Илија Јованоски го затекнавме на работен состанок. Кога ја слушна причината за нашиот повик, не го ни дочека прашањето – порача дека е свесен за лошата инфраструктура и вети дека наредните неколку месеци интензивно ќе се работи на нејзино поправање и на поставување велосипедски патеки секаде каде е возможно. Не заборави да ни каже дека и самиот е велосипедист кој често учествува во овие „Критични маси“.

Додека Прилеп ја чека 62-та „Критична маса“, а градоначалникот го чека работа, активистите уште еднаш им порачаа на своите сограѓани – да тргнеме од себе, да бидеме дел од промените, зашто градот е она што прават неговите граѓани.