Премиерот Зоран Заев примопредавањето на вакцините го нарече чин на пријателство и солидарност
Со вакцините од Србија ќе се вакцинираат медицинските работници кои работат во ковид-центрите
Ова е мал подарок којшто сум сигурен дека и вие нас би ни го дале, бидејќи вистинскиот пријател во неволја се познава, порача српскиот претседател Александар Вучиќ на примопредавањето на вакцините од „Фајзер“ кои ни ги отстапува Србија.
Првите 4 680 од предвидените 8 000 вакцини против ковид-19 на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство кон македонскиот народ.
„Можевме вакцините да ги дадеме пред еден месец, но имавме многу проблеми со добивање дозвола за извоз, бидејќи се многу строги и сложени процедурите за да не се трпат санкции. Среќен сум што македонските граѓани ќе може да почнат со имунизација и што можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство, да ја зајакнуваме економската соработка и да можеме да живееме не само како најблиски соседи туку како најдобри пријатели“,
рече Вучиќ.
Премиерот Зоран Заев порача дека пратката на вакцини е чин на солидарност и пријателство.
„Ова е чин на огромна солидарност од братскиот српски народ. Ова е секако првата пратка, овие денови ќе стигнат и другите вакцини и многу е важно што првите вакцини стигаат од нашата братска Србија. Оваа солидарност и поддршка е израз на традицијата во регионот, првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед, на комшијата. Овој чин им дава светла перспектива на односите меѓу Македонија и Србија“,
рече Заев.
Тој додаде дека вакцините ќе влезат во националниот оперативен план за вакцинација, кој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на другите вакцини.
Со оваа пратка вакцини ќе бидат покриени сите медицински лица кои работат во ковид-центрите.