Повеќето од мерките се прифатливи и ќе почнат со спроведување веднаш, од почетокот на август, со прогласувањето енергетска криза зашто само тогаш Владата ќе може да носи одлуки и да му излезе во пресрет на стопанството, вели министерот Бектеши
Прифатени се речиси сите барања на бизнис секторот за електричната енергија, а ќе стапат во сила од 1 август, со воведувањето на кризната состојба која веќе беше најавена, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши по работната средба со претставниците на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), на која присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
„Зелената енергија“ повторно да биде номинирана само за индустријата, во текот на зимата да не се затворат границите за увоз на електрична енергија и тоа Владата да го искомуницира со Србија и Бугарија, да се зголеми производството на електрична енергија – ТЕЦ „Неготино“ и „Те-То“ да работат во зима, а мазутот да се пушти на слободен пазар, како и да им се овозможи на капацитетите од лесната незагадувачка индустрија полесно и легално да поставуваат фотоволтаици зашто индустријата ја има само таа можност да се одбрани од ценовниот шок за струјата. Ова се клучните барања на МЕА, кои детално ги објасни заменик-претседателот на Стопанската комора и претседател на МЕА, Кочо Анѓушев.
Анѓушев побара од институциите да овозможат 40-ина инсталирани мегавати во фотоволтаици и мали електрани што побрзо да се приклучат на електроенергетскиот систем зашто секој мегават, како што подвлече, е „чисто злато“ и многу значаен за државата.
„Да се купи мазут побрзо за ТЕЦ „Неготино“ да работи во зима. Но, да се направат и разговори со „Те-То“, уште од сега, за и овој капацитет да работи во текот на зимата“,
потенцира Анѓушев.
Министерот Бектеши информира дека Владата претходната недела ги добила предлозите од Комората и тие веќе се разгледани од институциите, а разговарано е и со РКЕ.
„Повеќето од мерките, да не кажам 100 отсто, се прифатливи и ќе почнат со спроведување веднаш, од почетокот на август, со прогласувањето енергетска криза зашто само тогаш Владата ќе може да носи одлуки и да му излезе во пресрет на стопанството. Нашите очекувања се дека РЕК „Битола“ од октовмри ќе работи со трите блока, „Осломеј“ ќе рабои со половина капацитет, а почна и испораката на мазут од Грција за ТЕЦ „Неготино“ која најпрво ќе почне со работа со првиот котел, а ќе се направат и сите подготовки за да се стави во функција и вториот котел“,
истакна Бектеши.
Откако упати апел до граѓаните да штедат струја, Бектеши ја повика и опозицијата – да биде конструктивна и да овозможи реализирање на мерките за поддршка на стопанството.
„За да се усвои уредба, мора прво да се прогласи енергетска криза. Без тоа, уредби и мерки не може да усвои Владата. А, ако поминат 30 дена од тоа прогласување, тогаш тоа треба да го направи Собранието каде како одговорни политичари кои сме ја добиле довербата од граѓаните, треба да им олесниме на институциите и индустријата и да го ублажиме негативниот ефект. Треба и опозицијата да се вклучи, го повикав Мицкоски, ако треба и кај нив ќе одиме и во Собрание можеме да дискутираме за вакви работи. Овие одлуки не се носат за ништо друго, само за да и се излезе во пресрет на индустријата“,
рече Бектеши.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски потврди дека сите барања на МЕА за РКЕ се прифатливи.
„Дел од барањата се веќе имплементирани, а дел ќе се спроведат во наредниот период“,
изјави Бислимовски.