Во врска со судскиот процес за трагедијата во дискотеката во Кочани, кој започнува утре, Мицкоски рече дека судењето мора да се одвива без политичко влијание, посочувајќи дека одредени политички партии што се обидуваат да ја злоупотребат маката на оние што ги загубија своите најмили
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го прифаќа предлогот на опозицијата за формирање анкетна комисија во Собранието за случајот со Кочани, но под услов да се зборува и за сите останати трагедии што се случија изминатите години.

„Во ред, прифаќаме и ќе зборуваме, но ќе зборуваме и за сите останати големи трагедии што ни се случија во изминатите години. За се да зборуваме, затоа што сите виновници, апсолутно сите, да се изведат пред лицето на правдата. Кога во парламентот има ваков тип на анкетна и надзорна расправа, тогаш граѓаните треба да видат и слушнат кој е тој што направил грешка, кој е тој што злоупотребил, кој е тој што е виновен. И јас апсолутно ја поддржувам одлуката на пратниците. Еве, нека има анкетна и надзорна расправа“,
кажа тој.
Посочи дека од опозицијата е лицемерна оти од една страна тврди дека обвинителството и судството се под политички притисок на Владата, а од друга страна не им верува, па бара во Собранието анкетна и надзорна расправа за овој случај.
„Која порака да ја слушаат граѓаните. Ако велиме дека судиите се независни, логично е овој случај да биде во судот“,
кажа тој.
Во врска со судскиот процес за трагедијата во дискотеката во Кочани, кој започнува утре, Мицкоски рече дека судењето мора да се одвива без политичко влијание, посочувајќи дека има одредени политички партии што се обидуваат да ја злоупотребат маката на оние што ги загубија своите најмили.
„Континуирано испраќаат политички пораки и се обидуваат да градат политичка кариера на маката на тие луѓе. Затоа не можеме да кажеме дека нема политичко влијание“,
вели Мицкоски.
На новинарско прашање за опфатот на поранешни и сегашни функционери обвинети за случајот „Пулс“, премиерот рече дека ќе се воздржи од коментар за да не влезе во групата на оние што, додаде, се дел од оној политички талог што се обидува со некрофилија да профитира.
„Нема да коментирам за да не создадам дополнителен притисок. Само ќе ги охрабрам сите оние што се дел од истрагата, дел од овој процес да обвинуваат според закон. Ги замолувам сите оние што имаат каква било улога во целиот овој процес да бидат изведени пред лицето на правдата и казнети“,
рече премиерот.
За информациите дека до крајот на неделава ќе има нови обвинети, посочи дека каков било негов коментар ќе се сфати како политички притисок.
„Тоа што имав го кажав. Уште еднаш – ги охрабрувам“,
кажа тој.
