Родителите, премногу заштитувајќи ги, прават младите да не се соочуваат со реалните животни проблеми и да не учат да ги решаваат сами, па затоа кога ќе се соочат со нив, прибегнуваат кон полесни начини, не развиваат механизми на самоконтрола и пожртвување – искуство дека до успех се доаѓа со труд, а не на полесен начин – вели универзитетскиот професор по психологија на УКИМ, Огнен Спасовски
На Монт Еверест нема место за осум милијарди луѓе. Ова е коментар на универзитетскиот професор по психологија Огнен Спасовски, кој, анализирајќи ги наодите од истражување на јавното мислење на тема „ситна корупција“, вели дека голем проблем е порастот на очекувањата кај луѓето, како и стилот на живот во кој сите очекуваат лесно и брзо да бидат на врвот. Анкетата што за потребите на „360 степени“ ја изработи „Тим институтот“, откри дек 51,5 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 34 години велат оти ако ги запре полициска патрола за сторен прекршок, ќе ја замолат да им прости. Од испитаниците над 55 години таков одговор дале околу 40 отсто. Дека прифаќаат оти направиле прекршок и ќе ја платат казната одговориле 28 отсто од најмладата категорија, а од највозрасните така рекле 38 отсто.
Итно барате пријател кој ќе ја повика патролата и ќе побара од неа да не ве казнува – вака би постапиле 18,1 отсто од најлмадите, наспроти 10,4 отсто од највозрасните.

„Кај децата и младите преовладува таквото очекување за кое ние возрасните сме најмногу виновни – создадовме таков свет во кој живеат и така растат. Родителите, во исто време, премногу заштитувајќи ги, прават младите да не се соочуваат со реалните животни проблеми и не научуваат сами да ги решаваат, па затоа кога ќе се соочат со вакви проблеми, прибегнуваат кон полесни начини, не развиваат механизми на самоконтрола и пожртвување – искуство дека до успех се доаѓа со труд, а не на полесен начин. Така се развива илузија на контрола врз нештата и тие лесно се решливи и моќта е кај нив, дали индивидуално или научени заради родителите“,
вели Огнен Спасовски – универзитетски професор.

Спасовски вели дека ова се рефлектира и во еден навидум контрадикторен наод во истражувањето, во кој, сепак, гледа биолошка и психолошка логика – од една страна, најмладите се најсклони да пристапат кон нудење корупција, но во исто време, кога би им се побарало пари или што било друго за да добијат нешто, истата таа возрасна група најмногу се спротивставува на ова и би го пријавила случајот.

„Во психолошка смисла, логиката е во илузијата на контрола и моќта, егоцентризмот – ресурсите ги сакам за себе, кога ќе имам потреба, јас и ограничен број најблиски луѓе околу мене да дојдеме до ресурсите на кој било начин. Меѓутоа, некој ако сака да ми земе од ресурсите – не му дозволувам, не му давам и дури би го казнил“,
вели тој.
Професорот Спасовски констатира дека клучната причина за ваквите ставови кај младите е недоразвиеноста на контолните механизми врз егоцентризмот.
*Поврзани вести:
Младите итарпејовски учат да решаваат проблеми со ситна корупција, вели професорот Огнен Спасовски