Од ЕСМ велат дека, според првичните наоди, висок напон кој дошол до трансформаторот е причина за пожарот во комбинатот минатиот петок и најавуваат формирање тим составен од експерти од енергетските компании кои во иднина ќе ги дефинираат чекорите за спречување слични појави
Според првичните наоди, причина за пожарот што се случи минатиот петок во РЕК „Битола“ е висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем и се работи на негово оспособување, се вели во соопштението од ЕСМ.
„Стручни лица од РЕК ‘Битола’, со поддршка на колеги од МЕПСО и ‘ЕВН Македонија’, како и експерти од техничките факултети во Битола и Скопје, интензивно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше оштетен во пожарот минатиот петок. Првичните, неофицијални наоди, говорат дека пожарот го предизвикал висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем“,
информираат денеска од АД ЕСМ.
Генералниот директор и директорот на производство во АД ЕСМ, Васко Ковачевски и Благојче Трповски најавија формирање експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување слични појави во иднина.
Од ЕСМ додаваат и дека во РЕК „Битола“ продолжуваат и завршните активности за заокружување на процесот на т.н. нега на Блок 2 кој в недела треба да биде ставен во функција.