Секој работник кој ќе се зарази со коронавирусот ковид-19 на работното место, при боледувањето да му се исплаќа целосната плата. Ова до бара Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) и го достави како предлог-текст во Владата.
„Со усвојувањето на ваква Уредба од страна на Владата целосно ќе се испочитува правото на еднаквост на граѓаните, без разлика на вера, нација, конфесија и пред сè работата која ја работат. Истовремено, земајќи ги предвид актуелните случаи на зараза со новиот коронавирус на работните места, на сите работодавци ќе им бидеотстранета недоумицата и ќе им бидат дадени јасни насоки и упатства како да постапат во случај кога нивен вработен е дијагностициран со САРС-КоВ-2 или, пак, ја развил болеста ковид-19“,
велат од МЗЗПР.
Досега, на сите вработени кои пријавуваат отсуство од работното место поради ковид-19, Фондот за здравствено осигурување им исплаќа 70 проценти од платата, исто како за редовно боледување.
Според МЗЗПР, со усвојувањето на ваков правен акт, ќе може да се оствари правото на боледување како последица на несреќен случај, односно заразувањето со коронавирусот ќе биде признаено како професионално заболување на секој работник кој работел на работно место каде постои потенцијална можност за изложеност од овој вирус.
„Со ваквиот пристап и регулација правото ќе може да се оствари и доколку вработениот бил во самоизолација како резултат на контакт со потврден случај на заболен со коронавирусот на работното место“,
велат од МЗЗПР.
Здружението очекува да биде усвоена оваа уредба на првата наредна седница на Владата.
На 14 мај МЗЗПР побара од надлежните институции да биде признаено професионалното заболување ковид-19 за сите работни места и усогласено во Правилникот за листата на професионални болести, но одговор не добиле.
