Според него, Комисија за селекција формирана од Агенцијата за вработување ја водела постапката за вработување, ги имала на увид сите доставени документи наведени во пријавата и не констатирала неправилности во однос на староста на кандидатот што аплицирал, туку му е дозволено да ги помине сите фази на селекција и да биде прворангиран и како таков да биде избран за вработување по јавниот оглас
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска на Фејсбук се огласи по поднесената кривична пријава против него, поради сомнение дека ја злоупотребил својата службена положба и во 2018 година извиршил незаконско вработување на службеник во локалната администрација, што со навршени 64 години ги исполнувал условите за пензионирање, а не за вработување како административен службеник.
Трајковски вели дека при вработувањето постапол согласно Законот за административни службеници и не направил злоупотреба на службената положба.

„Селекцијата на кандидатите по јавниот оглас не ја врши општината, туку исклучиво Агенцијата за администрација преку Комисија формирана со решение на директорот. Таа Комисија ја води целата постапка, од административна селекција, преку испитот и проверката на доставените докази, до интервјуто. По завршување на сите фази, јас сум законски обврзан да го изберам прворангираниот кандидат“,
вели тој.
Во конкретниот случај, посочува дека прворангиран и единствен кандидат по завршената селекција во три фази било избраното лице.
„Значи, градоначалникот за конкретното вработување има постапено согласно Законот за административни службеници. Комисија за селекција формирана од Агенцијата за вработување ја водела постапката за вработување, ги имала на увид сите доставени документи наведени во пријавата и не констатирала неправилности во однос на староста на кандодатот што аплицирал, туку му е дозволено да ги помине сите фази на селекција и да биде прворангиран и како таков да биде избран за вработување по јавниот оглас“,
пишува градоначалникот на Делчево на Фејсбук.
Според него, тој како градоначалник нема законска обврска да врши увид и проверка во доставената документација на вработеното лице, од причина што согласно Законот за административни службеници таа обврска и е доделена на Комисијата.
Како што информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), на Трајковски му се става на товар, односно постојат основи на сомнение дека ја злоупотребил својата службена положба со тоа што по објавен јавен оглас, во локалната администрација вработил лице кое со навршени 64 години ги исполнувало условите за пензионирање, а не за вработување како административен службеник.
Со незаконското вработување градоначалникот ја оштетил Општина Делчево за 762 318 денари врз основа на исплатени придонеси и плати, а на лицето му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 505 561 денар од исплатени плати.
Трајковски веќе два мандати е градоначалник на Делчево, а на функцијата е избран како кандидат на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).