При контролата, врз основа на судска наредба, биле извршени претреси во две ќелии и притоа биле пронајдени и одземени 25 пакувања со бела прашеста материја, шест пакувања со марихуана и 12 мобилни телефони
Денеска Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога, во координација со Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје и тимови со службено куче од мобилната царина, под раководство на јавен обвинител, спроведоа акциска контрола во Казненопоправната установа Затвор „Скопје“.
При контролата, врз основа на судска наредба, биле извршени претреси во две ќелии и притоа биле пронајдени и одземени 25 пакувања со бела прашеста материја, шест пакувања со марихуана и 12 мобилни телефони. По извршено вештачење и целосно документирање на случајот, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал ќе поднесе соодветна кривична пријава.
Вчера, пак, во полициската акција, спроведена доцна синоќа во Тетово, биле приведени неколку лица по различни основи. Во проверките што биле правени се утврдувало дали во локалите престојуваат малолетни лица, дали на нив им се точи алкохол и дали се почитува јавниот ред и мир, информираат од МВР.
„Во акциска контрола спроведена ноќеска (5 февруари), десетина минути по полноќ, во угостителски објект на улица ‘Димо Гавровски-Кара’ во Тетово полициски службеници на СВР Тетово го привеле 37-годишниот тетовец В.Н. кој се однесувал агресивно додека преземале службени дејствија. Во друг угостителски објект на излезот од Тетово во 1 часот и 30 минути приведени се И.А. (20) од Тетово и А.Б. (26) од скопско Рашче кои не поседувале документи за идентификација“,
вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во угостителски објект на улица ЈНА во Тетово, пак, е приведено 26-годишно момче поради нарушување на јавниот ред и мир, а според портпаролот, во објектот било затекнато и малолетно женско лице од Косово, кое консумирало алкохол, по што девојчето било предадено на роднина.